Макрон до Пендаровски: Во ЕУ се почитуваат македонскиот јазик и идентитет

Францускиот претседател наведува дека „одржувањето на првата меѓувладина конференција на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија“


 

Францускиот претседател Емануел Макрон испратил писмо до шефот на македонската држава Стево Пендаровски во кое изразува честитки и поддршка за постигнатиот напредок на патот кон евроинтеграциите во последната година. Макрон му честита на Пендаровски и за одржувањето на првата меѓувладина конференција за земјава за пристапување кон ЕУ, нагласувајќи дека со постигнатиот договор со Бугарија, целосно се почитува македонскиот идентитет, за што доказ е договорот Фронтекс.

Во писмото Макрон потсетува на присуството на Франција во сите клучни моменти од македонската историја од периодот на воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји па се до денес.

„Ви благодарам на вашето писмо по нашиот состанок во Лондон. Ја користам оваа можност да ви ги упатам моите најискрени желби за вас и за вашата земја и да ѝ посакам на Северна Македонија година на хармонија и натамошен напредок на нејзиниот европски пат. Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји пред триесетина години, Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Робер Бадентер, кој учествуваше во изготвувањето на вашиот Устав, со работата на француските дипломати и војници кои помогнаа да се спречи избувнување на граѓанска војна во раните 2000-ти и помош да се склучи Охрдискиот договор, и најпосле, во решавањето на вашиот спор со Бугарија“, пишува во писмото на Макрон до претседателот Пендаровски.

Тој му честита на Пендаровски за одржувањето на првата меѓувладина конференција за земјава за пристапување кон ЕУ, нагласувајќи дека со постигнатиот договор со Бугарија, целосно се почитува македонскиот идентитет, за што доказ е договорот со Фронтекс.

„Ви честитам за напредокот постигнат во изминатата година. Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда“, му пишува францускиот претседател во писмото на својот македонски колега.

Инаку, вчера бугарскиот претседател Румен Радев објави дека ја искористил средбата со Mакрон на маргините на Самитот на ЕУ да му се пожали дека имало антибугарска кампања во Македонија. Според соопштението на кабинетот на Радев, бугарскиот претседател му рекол на Макрон дека „институциите во Македонија мора со резултати да докажат дека навистина се стремат кон евроинтеграции“.

Радев му се пожалил на Макрон и поради фактот дека двете земји го прифатија токму францускиот предлог за кревање на ветото на Софија, во која една од главните точки е внесувањето на македонските Бугари во уставот.

„Уште една антибугарска кампања во РСМ, која доведе до голем број престапи од омраза – палење и пукање врз бугарските културни клубови, како и насилство врз македонските Бугари, покренува прашања за улогата и одговорноста на институциите во земјата. Забележуваме отсуство на политичка волја за реформи и уставни измени, а наместо тоа во државата се води уште една антибугарска кампања“, му рекол радев на Макрон.

Во соопштението не се наведува што му одговорил Макрон на бугарскиот претседател на ваквите забелешки.