Макрон бара објаснување од Турција за „џихадистите“ во Азербејџан
Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот (2 октомври) побара од Турција да го објасни, како што рече, доаѓањето на џихадистички борци во Азербејџан – и го повика НАТО да се соочи со постапките на нејзиниот сојузник.
„Црвената линија е помината, што е неприфатливо“, рече Макрон. „Ги повикувам сите партнери во НАТО да се соочат со однесувањето на членка на НАТО. Одговорот на Франција е да побара од Турција објаснување за оваа работа“, рече тој.
Макрон говореше по самитот во Брисел на кој лидерите на ЕУ се согласија да ѝ се заканат на Турција со санкции за дупчење гас во водите на Кипар.
Но, францускиот лидер исто така беше бесен од настаните во спорниот Нагорно Карабах, каде има тешки борби меѓу ерменските и азербејџанските сили.
Тој тврди дека разузнавачките извештаи утврдиле дека 300 сириски борци извлечени од „џихадистички групи“ од сирискиот град Алепо поминале низ турскиот град Газиантеп на пат кон Азербејџан.
„Овие борци се познати, следени и идентификувани“, тврди тој, додавајќи дека ќе му се јави на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „во следните денови“.
Тој исто така рече дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, ставајќи јасно до знаење дека двајцата споделуваат иста загриженост.
Франција и Русија, заедно со САД, се трите членки на Минската група на ОБСЕ, создадена во 1992 година за да охрабрат решавање на преговорите за Нагорно-Карабах.
Претходно оваа недела Макрон ги осуди, како што рече, „несовесните и опасни“ изјави на Турција која го поддржува Азербејџан.
И Ерменија ја обвини Турција за испраќање платеници да му дадат поддршка на нејзиниот сојузник Азербејџан и во понеделникот Сирискиот центар за набудување на човековите права со седиште во Велика Британија соопшти дека Анкара испратила најмалку 300 платеници од северна Сирија.
Од перспектива на Турција, Франција има јасна про-ереванска пристрасност, поради големата ерменска дијаспора.
Нагорно Карабах е официјално територија на Азербејџан, но Баку ја изгуби контролата над регионот по војната во раните 1990-ти, која однесе 30.000 животи. Беше спроведено етничко чистење и сега нема Азербејџанци во Нагорно Карабах.
Според Баку, 80.000 Азербејџанци биле истерани од овие територии од страна на ерменските воени сили преку насилно етничко чистење. (Еурактив)