„Макпетрол“ значајно ја намали цената на природниот гас и на метанот (ЦНГ)


Компанијата „Макпетрол“ соопшти дека значајно ја намали цената на природниот гас и на метанот (ЦНГ). 

„Согласно договорот помеѓу ‘Макпетрол’ АД Скопје и ‘Гаспром експорт’, како и движењето на цената на природниот гас на светските берзи, ‘Макпетрол’ АД Скопје ги известува своите потрошувачи и пошироката јавност дека цената на природниот гас за месец ноември ќе се намали за 500 евра за 1.000 нормални метри кубни, во однос на цената за месец октомври ова година“ соопштија од компанијата.

Воедно, како што се додава во соопштението до медиумите, малопродажната цена на погонското гориво за моторни возила, Метан (CNG), кој се продава на бензинските станици на „Макпетрол“ се намалува за 49,5 денари за килограм во однос на цената од минатиот месец која изнесуваше 184 денари за килограм, односно новата цена ќе биде 134,50 денари за килограм или 96 денари за литар.