„Макпетрол“ со 14 медали најуспешен на Државното сениорско првенство во карате


Со 14 медали, од кои по пет златни и сребрени, како и четири бронзи, каратистите на „Макпетрол“ освоија најмногу одличја на Државното сениорско првенство во машка и женска конкуренција во борби и кати.

„Макпетрол“, којшто по подолг временски период повторно е најуспешна карате екипа, ја освои титулата во екипна конкуренција кај мажите со два максимални триумфи од 3-0 над Металург и Штип, додека екипата „Олимпик спорт“ беше најдобра во женска конкуренција борби.

Шампиони на Македонија се: Марија Петровска-50 кг, Марија Милевска-55 кг, Вероника Костовска-61 кг, Ангела Мојсовска-68 кг и Румена Балшевска +68 кг Беговиќ во борби кај жените.

Во машка конкуренција златните медали ги освоија Фахик Весели-60 кг, Емил Павлов-67 кг, Петар Заборски-75 кг, Петар Спасеновски-84 кг и Берат Јакупи +84 кг.

Во кати правци се Пуликсенија Јованоска и Кристијан Бајовски, додека во екипна конкуренција најдобри се Гладијатор во женска и Фунакоши Гичин во машка конкуренција.

-На првенството имаше многу интересни борби, неизвесност постоеше во секоја категорија. Сите наши натпреварувачи покажаа спортска зрелост да го облечат националното кимоно и да станат составен дел на репрезентацијата“, изјави репрезентативецот и капитен на „Макпетрол“, Заборски.