Макпетрол: На кого во државата му одговара криминалот со „црвената нафта“?


Макпетрол АД , јави Телма, ја поддржува одлуката на Владата за покачување на акцизата на нафтените деривати, како една од пакетот антикризни мерки за стабилизирање на буџетот на државата.

-Во овие моменти потребно е секоја индустрија да излезе со поддршка за спасување на економијата. Сметаме дека секој треба да покаже солидарност и да преземе дел од товарот и помогне за справување со кризата што не засега сите.

Но, институциите и Владата должат објаснување. Што покажуваат анализите и бројките на предлогот за зголемување и изедначување на акцизата на екстра лесното гориво и дизелот?

Додека државните институции имаат проценки дека со изигрување на сегашната правна рамка на пазарот како гориво за транспорт завршуваат околу 50 милиони литри екстра лесно гориво за греење, државата не презема мерки за сузбивање на сивата економија. Статистиката покажува дека годишно се увезуваат 55 милиони екстра лесно гориво, а реалната потрошувачка е 5 милиони, вишок остануваат 50 милиони од ова гориво. Државата губи по повеќе од 11 денари од литар екстра лесно гориво што се користи за транспорт.

На кого во државата му одговара криминалот со „црвената нафта“?

Зошто се уште масовно се троши екстра лесно гориво кога е завршена грејната сезона?

Зошто државата ја дозволува сивата економија?

Злоупотребата на екстра лесното гориво прави штета на буџетот на државата, на животната средина и на конкуренцијата. Екстра лесното гориво содржи 100 пати повеќе сулфур од обичниот дизел и е сто пати поголем загадувач.

Државата има механизми и мора да ги користи во насока на заштита на потрошувачите од измами, на пазарот од нелојална конкуренција и на животната средина од несовесни загадувачи.

Голем дел од земјите во регионот го имаат регулирано пазарот со екстра лесното, додека во Европската Унија, голем дел од земјите одамна го исфрлија од употреба екстра лесното гориво. Дадените препораки на Република Северна Македонија од Светска банка за транзиција кон почисти горива и забрана на горива во висока емисија на сулфур (екстра лесно) не се почитуваат.

Макпетрол АД уште еднаш апелира до Владата и до сите државни институции за посериозен пристап кон предлогот за израмнување на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот, а не да ги штити криминалот и злоупотребите со ова гориво. Во спротивно, Макпетрол АД, како одговорна компанија и водечка сила во енергетскиот систем на нашата држава која работи и се стреми кон законито функционирање ќе ги запознае релевантните меѓународни институции, Светската банка за транзиција и Европската енергетска заедница за ова, ст ои во соопшението на компанијата.