„Макпетрол“ ја обвинува Регулаторната комисија за енергетика дека го спречува развојот на нафтените компании


Изедначувањето на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот ќе демотивира понатамошни злоупотреби, ќе придонесе за зголемен квалитет на горивото што се користи, а истовремено ќе ја заштити животната средина

„Макпетрол“ АД не се согласува со одлуката на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) за определување на ескалираната густина и деескалираната густина на секој нафтен дериват и гориво за транспорт, висината на надоместокот за премија, транспортините трошоци до склад во земјава, висината на надоместокот за трошоци за работење преку склад и трговска маржа со вклучени транспортни трошоци од склад до бензински станици и крајни потрошувачи, донесена на 22 октомври годинава, информираат од компанијата.

-Со оваа одлука РКЕ повторно ја потврди својата нестручност и селективна примена на Законот за енергетика, а дополнително во образложение на предметната одлука наведува невистинити информации. Ваквото однесување на членовите на РКЕ создава само штети и несигурност на пазарот, бидејќи нафтените компании преку овие несовесни политики се спречени да инвестираат во својот развој, како и во развојот на своите вработени, велат од „Макпетрол“.

Поради нестручноста и селективноста на членовите на РКЕ, додаваат, „Макпетрол“ како и многу пати до сега, повторно бара либерализација на пазарот односно, слободен пазар при формирање на цените на нафтените деривати. Впрочем, исто како што е либерализиран пазарот и во земјите членки на Европската унија, со кои РКЕ ги прави споредбите.