„Макпетрол“ го демантира Бектеши – Не сме монопол за увоз на гас


 

Компанијата „Макпетрол“ реагира на изјавата на министерот за економија, Крешник Бектеши, дека тие се монопол за увоз на гас, нагласувајќи дека во Македонија има повеќе од 40 компании во Македонија кои имаат лиценци за увоз на природен гас. „Оваа изјава, како и низа други коишто беа пласирани од негова страна, служат само за да ја дефокусираат јавноста од главниот проблем – дека државата и нејзините институции популистички се фалат оти пазарот со природен гас е либерализиран, а притоа земјата ниту има сертифициран оператор, ниту се донесени нужните подзаконски акти, ниту се вопоставени правилата на функционирање“, велат од компанијата.

„Макпетрол“ ја коментира и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека во енергетска криза не треба да се има пристап кон работата што вклучува уцени, и вели дека „најавата на ’Макпетрол’ дека нема да увезува гас од 1 јануари е резултат исклучиво на избрзаната одлука за промена на правилата на пазарот со природен гас. Не е во прашање никаква уцена, туку економски оправдано решение со цел да се избегне генерирање енормни загуби и долгови кои компаниите што увезуваат гас никогаш нема да можат да ги наплатат затоа што потрошувачите на овој енергенс нема да бидат во можност да ги исплатат“.

Оттаму велат дека преземање на регулативата на овој сектор од Европската унија е направено начелно и само на хартија, а притоа целосно се игнорира реалноста на македонскиот пазар, којашто укажува дека таа е неприменлива. „Причините за тоа се многубројни, но главна несомнено е таа што укажува дека нашиот пазар е мал, a гасот што тука пристигнува, тука и завршува. Тоа, од една страна, значи дека како земја не сме во можност да увезуваме доволни количини, а од друга, дека немаме количини што би направиле баланс на тие што нема да се потрошат.

Во такви услови, потребни се прецизни подзаконски акти и правила кои што ќе го регулираат функционирањето на пазарот“.

Компанијата се осврнува и на извештајот на Енергетската заедница, организација што ги обединува државите од југоисточна Европа и тие од ЕУ од ноември во кој има анализа на македонскиот пазар со гас во којашто заклучи дека процесот на негово разврзување е комплетиран одвај осум проценти. Тие истакнуваат дека процесот на спојување на ГА-МА и НЕР е во тек, исто како и сертифицирањето на новата компанија.

„Макпетрол“ ги наведува препораките на Енергетската заедница:

– Сертификацијата на операторот на системот за пренос да се изврши во најкус можен рок, а соодветните подзаконски акти да бидат финализирани и одобрени без натамошно одлагање. Новиот преносен систем-оператор треба да продолжи со целосна имплементација на сите правила релевантни за функционирањето на системот, надминувајќи ги празнините во последната деценија – истакнуваат од Енергетската заедница.

Според „Макпетрол“ овие препораки на Енергетската заедница не се донесени. „Тоа само укажува дека наводното либерализирање на пазарот се прави на паушален начин и притоа креира услови за работа кои што и на краток и на долг рок ќе бидат катастрофални за компаниите што се занимаваат со увоз на природен гас, како и за нивните потрошувачи“. „Макпетрол“ наведува дека за негоклиентите се најзначајни и кога постојат предизвици компанијата е подготвена преку разговори да се стигне до решение кое што ќе биде издржано, а евентуалните недоследности нема да паднат на грбот на увозниците, но и на крајните корисници на природен гас во земјата.