Македонските земјоделски инженери основаат комора по хрватски модел
Во организација на Здружението на земјоделски инженери „Агроном 1947“, во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна се одржа тркалезна маса со цел основање Комора на земјоделски инженери.
Комората се основа за да ги застапува интересите на современото македонско земјоделство, да помага во развојот на професијата земјоделско инжинерство, да обезбедува развој во одгледувањето на традиционални и нови култури и да дава севкупен придонес кон модерно и извозно ориентирано македонско земјоделство.
На настанот за основање на Комората зедоа учество повеќе земјоделски инжинери од земјава, а зборуваше и претседателот на Хрватската комора на земјоделски инженери, Ромео Јукиќ, кој го презентираше искуството во формирање на Комората и нејзината улогата во секторот земјоделство во Хрватска.
На настанот беа дефинирани идните чекори кои ќе водат кон формирање Комора на македонски земјоделски инженери. Формирана е работна група за водење разговори со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во однос на предложување и утврдување соодветно законско решение.