Македонските таеквондисти со помош на „Алкалоид“ го трасираат патот за Олимпијадата во Париз


„Алкалоид“ АД Скопје стана спонзор на Македонската таеквондо федерација чии натпреварувачи ќе се борат да остварат олимписка норма и да ја израдуваат македонската јавност со нови олимписки и други спортски одличја, а македонскиот фармацевтски гигант продолжи да се докажува како општествено одговорна компанија.

Поддршката беше официјализирана денеска на прес конференција во Скопје при што беше посочено дека ќе трае најмалку две години. На прес-конференцијата присуствуваа претседателот на федерацијата, Борче Костовски, олимпиецот Дејан Георгиевски и првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, како и повеќе спортски работници, новинари и претставници на компанијата.

„За нас како општествено одговорна компанија спортот е еден од приоритетите. Сметам дека е многу важно што се вклучуваме во оваа работа затоа што станува збор за едни македонски бисери, за бисери на Република Македонија, за бисери на македонскиот спорт, за прекрасни млади луѓе кои си ја сакаат државата кои што се посветени на растот и на развојот“, рече Мукаетов додавајќи дека е среќен и благодарен што како компанија ќе можат да им помагаат на спортистите со цел да се овозможи постигнување на врвни спортски резултати. „Многу сум среќен кога ќе видам луѓе кои се посветени. Убеден сум дека ќе создадат уште многу приказни со кои ќе бидеме горди“, нагласи Мукаетов посочувајќи дека е голема радост тоа што го направи Дејан Георгиевски на Олимписките игри, како и дека е оптимист дека ќе има нови медали.

Заблагодарувајќи се на „Алкалоид“ и Мукаетов лично, претседателот на федерацијата, Борче Костовски,  истакна дека првиот човек на компанијата „ја препозна македонската таеквондо приказна и потенцијалот кој што го има македонското таеквондо“.

„Благодарност до Мукаетов, човек кој со широко срце му помага на македонскиот спорт. Заедно ќе бидеме успешни во иднина. Оваа година ја почнавме силно, Дејан освои медал на Президент купот, а во следниот период нè очекуваат силни турнири. Се бориме за норми во Париз, се надевам дека ќе го оствариме тоа“, рече Костовски.

Олимпиецот Георгиевски рече дека му е драги за спонзорството со што се потврдува дека македонското таеквондо е сериозна спортска приказна која што покажа и продолжува да се бори за остварување највисоки спортски цели и одличја.

„Јас како спортист можам да истакнам дека со мојот тим даваме сѐ од себе за повторно да ја израдуваме македонската јавност исто како на Олимписките игри во Токио. Годинава ја почнавме успешно со освојување медал на силен турнир во Турција и се надевам дека ќе продолжиме уште поуспешно“, рече Георгиевски.

Од Македонската таеквондо федерација посочуваат дека се свесни дека ги чека тежок пат, како и дека имаат работа со најмоќните спортски нации во светот, но дека го знаат рецептот , а тој е со многу труд и жртви, повторно да ја израдуваат нацијата.

„Олимпискиот сон го живееме реално, ќе се потрудиме тоа да потрае“, нагласуваат од таеквондо федерацијата, додавајќи дека македонското теквондо и „Алкалоид“ со заеднички сили ќе одат на патот кон Летните Олимписки игри 2024 година во Париз, а целта се уште повеќе медали за Македонија, откако Дејан Георгиевски на минатата Олимпијада испиша историја и донесе сребро со златен сјај.

Поддршката од „Алкалоид“ ќе ги покрие сите патувања и настапи на кои таеквондистите ќе се борат за олимписка норма за следните Олимписки игри во Париз во 2024 година. (М.Ј.)