Македонските ракометари со триумф над Финска ги отворија квалификациите за ЕП 2022


Македонската ракометна репрезентација забележа победа над Финска со 33:24 во 1. коло од Групата – 7 во квалификациите за Европското првенство 2022.

На дуелот одигран вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, рамноправно се играше само 15-ина минути, а потоа избраниците на селекторот Данило Брестовац при резултат 5:5, направија серија од 5:0 и водството го одржуваа до крајот на полувремето кое заврши 16:10.

На Финците во вторите 30 минути не им беше дадена шанса за надеж дека можат да го избегнат поразот. Македонците во два наврата имаа највисоки плус 10 (24:14 и 33:23).

Најдобар играч на натпреварот беше Кирил Лазаров со 11 погодоци.

Во второто коло, македонскиот национален тим ќе гостува на Швајцарија на 7 ноември.