Македонските ракометари со три порази завршија на последното место во Ф-групата

Нашата репрезентација ќе разигрува за пласман од 25 – 32. место во т.н. Пезидент куп


Македонската ракометна репрезентација без ниту еден освоен бод го заврши учеството во Ф-групата на Светското првенство 2023. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров вечерва во Краков загубија од Аргентина со 26:35.

Ова беше натпревар кој директно одлучуваше која ќе биде третата репрезентација од Ф-групата која ќе продолжи во Главната групна фаза.

И покрај најавите дека „црвено-жолтите“ по двата убедливи пораза имаат сили за позитивен резултат, на теренот ништо поразлично од средбите со Норвешка и Холандија, а и резултатот на полувреме беше идентичен 11:18.
Аргентина во второто полувреме без проблем ја одржуваше високата предност и го приведе резултатот кон сигурна победа.

Филип Талески со пет, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски со по четири погодоци беа најефикасни во македонскиот тим, Диего Симонет со осум гола се истакна кај победниците.

Во дербито на групата вечерва од 20:30 часот се среќаваат Норвешка и Холандија, двете селекции кои заедно со Аргентина одат во Главната групна фаза.

Нашата репрезентација ќе разигрува за пласман од 25 – 32. место во т.н. Пезидент куп.

Лазаров: Прифаќам одговорност, не го издржавме притисокот

Македонската ракометна репрезентација претрпе три убедливи порази и не ја мина групната фаза на Светското првенство 2023.

Вечерва „црвено-жолтите“ загубија од Аргентина со 26:35.

Селекторот Кире Лазаров ја презема одговорноста за слабите резултати, но изрази надеж за подобра иднина на оваа репрезентација.

– Не сум задоволен од нашите изданија. Можеби сме послаби од трите противници, но сме послаби за десет гола. Прифаќам одговорност. Не знам што се случи со ракометарите. Направивме многу жртва да стигнеме овде. Ова е ново искуство за мене. Треба да се работи многу за да не ни се случи тоа што му се случи на фудбалот, кошарката, одбојката. Имаме многу дебитанти кои не го издржаа притисокот. Сигурно и јас негде погрешив, никој не е безгрешен. Ги разбирам нашите играчи и се надевам дека еден ден ќе го дигнеме нивото, верувам веќе на следното Европско првенство, изјави Лазаров.

Тој им се заблагодари на сите навивачи кои даваа поддршка за македонската репрезентација од трибините во Краков.

 

Талески: Очигледно има проблем, треба добра анализа ако сакаме да одиме напред

Свое видување за настапите во Ф-групата искажа Филип Талески

– Ќе анализираме на крај. Очигледно има проблем, меѓутоа мора да се реши ако сакаме да одиме напред, да бидеме добра репрезентација. Во моментов е оваа слика што ја гледаме сите. И ние знаеме дека тоа е тоа. Сега ни преостануваат натпреварите за пласман, а потоа кога ќе се вратиме потребна е добра анализа да видиме во што е проблемот и да се поправиме.

 

Пешевски: На овој турнир не го покажавме нашето вистинско лице

– На овој турнир не го покажавме нашето вистинско лице. Во репрезентацијата има атмосфера, но откако ќе излеземе на теренот како нешто да се случува. Имаме многу млади играчи и затоа ни треба поддршка. Патот во иднина ќе биде трнлив но се надевам на подобри резултати. Овде имаат играчи кои сс подготвени да се борат до последна капка крв. Веќе со нас не се Кире, Столе и едноставно сите треба да преземеме одговорност да не ни се случуваат вакви работи, рече Пешевски.