Македонските ракометари се пласираа на Светското првенство 2023


Македонската ракометна репрезентација го обезбеди своето осмо учество на Светските првенства, откако вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ ја совлада Чешка со 27:25.

„Црвено-жолтите“ френетично бодрени од околу 7.000 навивачи, ја исполнија целта, континуирано учество на големите натпреварувања.

Овој меч ќе остане запишан во историјата на македонскиот ракомет и по завршувањето на репрезентативната кариера на Филип Миркуловски, додека Лазаров за кога имаше таква најава, останува уште некој период активен репрезентативец.

На првиот меч одигран пред четири дена во Злин, резултатот беше нерешен 24:24. 

Светското првенство во ракомет се игра следната година во јануари, а домаќини се Шведска и Полска. Нашите први противници ќе ги дознаеме на 2 јули за кога е закажана жрепката. 

Миркуловски го одигра последниот меч за репрезентацијата

Филип Миркуловски го одигра последниот натпревар во дресот на Македонија. Се прости на најдобар можен начин, со победа и со пласман на Македонија на Светското првенство.

Миркуловски по мечот кажа дека му било чест што играл за Македонија, и секогаш го давал максимумот.

„Ми беше чест, секогаш сум го давал максимумот во репрезентацијата. Јас кога започнав со репрезентација, беше тешко, игравме предквалификации, квалификации. Овие генерации имаат можност да играат на европски, светски првенства и да се градат со натпревари со најсилните… Имаме наследство за понатаму, да се градат преку СП и Европски првенства, а не како ние преку квалификации. Има доста добри ракометари оваа генерација и мислам дека ќе направат голема кариера. Дај Боже да направат поголема кариера. Тоа ќе биде многу моја желба“, рече Миркуловски.

Лазаров задоволен од Кузмановски и Талески

Селектрото Кире Лазаров, задоволен од вечерашниот натпревар, а посебно ја истакна играта на Филип Кузмановски и Филип Талески, кои заедно дадоа 15 гола.

– Мислам дека победивме заслужено, демонстриравме квалитет, го исполнивме договорот и идејата да го приведеме натпреварот до крај како што треба без разлика на предноста.  Направивме голема работа, одигравме четири квалитетни натпревари против одличните Романија и Чешка и на крајот ја остваривме целта. Мора да признаам дека на оваа средба малку паднавме малку физички, но тоа е разбирливо бидејќи голем дел од играчите играат европски купови и заморот се чувствтува. Пресреќен сум, ова е голем резултат за Македонија, го одржуваме континуитетот за настап на големите натпреварувања. Можеби бевме скептици што ќе се случува без Лазаров и Миркуловски, но јас сметам дека имаме реални шанси и за пласман на следното Европско првенство.  Посебно ми е драго ми е за Талески и Кузмановски, ги чувствувам како мои деца, се поставив како татко кон и во најтешките моменти, честитки за нив двајца, – изјави Лазаров по триумфот во Скопје.