Македонските ракометари обезбедија финале против Чешка во мундијалскиот бараж


 Македонската ракометна репрезентација загуби вечерва на реваншот против Романија во Букурешт со 24-22 (12-12), но ја зачува предноста од осум голови стекната на првиот натпревар на домашен терен и ќе игра против Чешка во финалето од мундијалскиот бараж за пласман на Светското првенство 2023.

Македонските ракометари го контролираа резултатот во првото полувреме и постојано беа во водство, во неколку наврати и со три голови разлика, за на полувреме домаќините, сепак, да израмнат на 12-12.

По почетните 1-0, Романците го вратија водството во 34 минута (15-14) и се понадеваа дека ќе можат да ја анулираат негативата од првиот натпревар во Скопје кога на средина од вториот дел поведоа и со три голови разлика (20-17).

Сепак, македонската репрезентација брзо врати со два врзани голови и мирно го приведе натпреварот до самиот крај, обезбедувајќи двомеч против Чешка на 13 и 16 април, во обид по осми пат да играат на ракометните мундијали.

Капитенот и селектор Кирил Лазаров со шест голови беше најефикасен во редовите на „црвено-жолтите“, додека Мартин Томовски имаше девет одбрани на голот.