Македонските одбојкари, преку Црна Гора, до Топ 16 во Европа

Обезбеден е пласман во елиминациската фаза и тоа е најголемиот успех во историјата на македонската одбојка


Македонската одбојкарска репрезентација денеска победи со 3:0 во дуелот против Црна Гора во походот на Европското првенство.

Ова е втор триумф на шампионатот по победата над Данска, со што постигна историски успех и пласман во осминафиналето на континенталниот шампионат.

Избраниците на селекторот Јошко Миленковски супериорно и со блескава игра стигнаа до толку посакуваната победа.

Македонија првиот сет го реши во своја полза со 25:22 потоа во вториот славевме со 25:18, а во третиот кој воедно и беше решавачки на овој дуел триумфиравме со 25:20.

Целта на нашиот тим е исполнета, обезбеден е пласман во елиминациската фаза и тоа е најголемиот успех во историјата на македонската одбојка.

Утре нашиот тим го очекува нов предизвик и соочување со Полска која е еден од најсериозните фаворити за освојување на еден од трофеите.