Македонските одбојкари поразени од Украина на Европското првенство
Македонската машка одбојкарска репрезентација го претрпе вториот пораз на Европското првенство, откако попладнево загуби од Украина со 3-0 (25-22, 25-22,25-10), во рамки на второто коло од групата Б што се игра во Софија.
Приемот на украинскиот сервис не функционираше во македонските редови што му овозможи на противникот веќе во раната фаза од воведниот сет да стекне водство (3-0, 10-6), а потоа се пет врзани поени и да дојде и до највисоки 15-8.
Македонските одбојкари се доближија во завршницата на 24-22, но откако капитенот Никола Ѓоргиев не искористи напад за само поен негатива, Украина го доби првиот сет со 25-22.
Вториот сет донесе идентична слика на паркетот во софиската „Арена 8888“ и почетно водство на Украинците од 6-1.
Со серија од 4-0 македонските одбојкари внесоа резултатска неизвесност во завршницата и се доближија на само поен негатива (23-22), но Украинците ја искористија првата сет топка и поведоа со 2-0 во сетови.
Македонските одбојкари на почетокот на третиот сет прв пат во натпреварот имаа водство (3-1), но Украина одговори со пет врзани поени на сервисот на својот најефикасен играч Плотнитски, стекна во продолжението и двоцифрена предност и рутински го проведе натпреварот до победа со максимални 3-0 во сетови.
Капитенот Никлола Ѓоргиев со осум и Љафтов со седум поени беа најефикасни во редовите на македонската репрезентација, која в недела во рамки на третото коло од групната фаза ќе игра против актуелниот светски првак Полска.