Македонските населби во мрак – партиите се надвикуваат чии градоначалници се понеспособни


Злетово навечер - барем ѕвездите се гледаат

 

Градовите и селата низ Македонија и некои населби во Скопје, тонат во мрак. По препораката од Владата дека треба да се штеди струја, па светеа преку една улична канделабра, бројни граѓани на социјалните мрежи се жалаат дека небезбедно е да се движиш по улица навечер, затоа што само ѕвездите на небото ти го осветлуваат патот.

На граѓаните им пречи ова штедење на сметка на безбедноста.

– Зима е, се стемнува рано, улиците не се доволоно добро направени, па ако знаеш каде се дупките може ќе поминеш, ама ако прв пат поминуваш по некоја улица по подолго време, очите не ти помогаат. Мора да се пушти светилката од телефон за да не се сопнеш на нешто – коментираат тие на социјалните мрежи.

Злетово е населено место со околу 2.500 жители во Македонија, каде уличките низ населбите одамна не се осветлени.

Еден жител се жали на Фејсбук:

„Овде во оваа општина не помагаат никакви забелешки, критики низ сатира, директни, индиректни, очигледно ниту една реакција од кој било граѓанин кој има донекаде храброст јавно да запраша за да не бидат повредени вашите суети, не помага! Не знам свесни ли сте дека си играете со безбедноста на овие граѓани, свесни ли сте дека со ова индиректно ја ограничувате слободата на движење, небаре сме под полициски час, свесни ли сте дека луѓето работат сменски, деца се носат во градинка, не започнуваат сите во 8 со своето работно време, но вие драги пријатели или покажувате дрскост, ароганција и моќ, и во стилот може ми се, или имате реален проблем со финансирање на уличното осветлување!“, пишува тој на својот Фејсбук профил.

„Ако е ова второто не знам информирате ли ги надлежните кои скоро секоја недела се во градот за реалниот проблем, за реакцијата на граѓаните, или и вие се плашете да не ги повредите нивните суети, како што граѓаните од градот се плашат да не ги повредат вашите, па се само смешкате и сликате?!
Ало, МНОГУ Е, РАЗБИРАТЕ ЛИ?
МНОГУ Е, живееме во друго време, не не враќајте во 19 век, ниту сме заслужиле ниту вие сте заслужиле !
Ништо лично, затоа што сѐ уште ве сметам за пријатели !
Ама сепак… РАЗОЧАРУВАТЕ“, – додава тој.

Слична е состојбата и тоа со години во Кичево, на другиот крај од државата. Од објавите на Фејсбук може да се види дека граѓаните повикуваат градоначалникот да се фати за работа и да им обезбеди јавно осветлување, затоа што, како што велат, од една куќа се плаќаат по четири сметки за оваа намена, а светлина никаде нема.

Кичево навечер

Темни премини и улички има и низ населбата Аеродром, која е една од најурбанизираните, но и најнаселена во земјава, според денешните податоци кои ги објави Државниот завод за статистика со 75.108 жители. Но, сите тие и они кои поминуваат низ населбите се под закана од напад на кучиња, а се чувствуваат небезбедно затоа што од зад секоја грмушка ги демне темница.

Аеродром навечер

Сепак, политиката си го тера своето. Денешните соопштенија од најголемите владејачка и опозициска партија се полни гнев и обвинувања кон другиот, но решенија никој не нуди.

Така, СДСМ тврди дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се најслаби градоначалници досега. „Неспособност, хаос и партизација, тоа е заедничко за речиси сите општини предводени од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Покрај Скопје каде што владее вистински хаос, по само една година власт, катастрофална е состојбата и во други општини предводени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Прилеп. Штип, Велес, Охрид, Радовиш, Виница се само дел од општините каде комуналните давачки се сериозно зголемени. Но истовремено, овие, но и други општини предводени од ВМРО-ДПМНЕ трошат милиони денари во сред криза за привремени вработувања и партизација на општините“, велат од партијата.

Фото: Б. Грданоски

Додаваат дека Општина Гевгелија е задолжена за 50 милиони денари, а долгот на општина Радовиш е зголемен за нови 800.000 евра.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која пак има најмногу градоначалници низ Македонија, враќаат: „Градоначалниците од СДСМ единствено со што можат да се пофалат се криминали и матни зделки, затоа немаат отчет и бегаат од граѓаните. Жално е што градоначалниците од СДСМ и по повеќе од една година немаат отчет и немаат сработено проекти за подобрување на животот на граѓаните. Жално е и што на СДС им смета работа па шират лаги против градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ зад кои стојат големи проекти и кои не се кријат од граѓаните како градоначалниците од СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Б. Грданоски

За своите градоначалници пак, нагласуваат дека „што се однесува за градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, тие се постојано помеѓу граѓаните и ги решаваат нивните проблеми, а за нивната работа сведочат отчетите и над 120 милиони евра инвестирани во училиштата, улиците, булеварите, градинки и останати проекти“.