Македонските менаџери мора да тежнеат кон помодерен начин на водење на компаниите за долгорочно да ги задржат вработените
Македонските компании треба да бидат извонредни средини, мотивирачки и креативни за да ги задржат вработените да не се иселуваат. Мора да се трудат да создадат подобра работна атмосфера каде ќе има тимска работа, вработените ќе бидат ценети и почитувани, со цел да бидат позадоволни, а со самото тоа и попродуктивни и поиновативни.
Од Македонската асоцијација за искуство на клиенти и вработени (МАЦЕКС) велат дека многу показатели покажуваат дека луѓето не се иселуваат само поради платите, туку и поради условите за работа и квалитетот на живот.
– Ниските плати се оние параметри на коишто компанијата треба да посвети внимание пред се дали платите се достоинствени за живот. Не е само платата фактор, иако таа треба да се среди, туку и да се види што е тоа што на луѓето им е потребно за нивниот личен и професионален развој. Ние велиме паричката има две страни што значи дека понекогаш вработените не посегнуваат по одговорност, но понекогаш и самите менаџерски структури не ги позиционираат на тој начин да им ја предадат автономијата на вработените на нивните работни места, вели Христина Велковска, претседателка на МАЦЕКС.
Преку програмата „Квинтаниум“, која почнува да се реализира во земјава, компаниите ќе имаат можност да ги дијагностицираат и подобрат слабостите во управувањето и да го стават фокусот на добросостојбата на вработените. Оваа дијагностика прави персонализиран пристап во којшто компанијата ќе се соочи сама со себе односно менаџментот ќе се соочи со предизвиците во компанијата без разлика дали недостиг се кариерните патеки за вработените, транспарентоста на работењето, ефикасниот менаџмент, дали вработените имаат премногу работа и немаат баланс меѓу работата и приватноста.
Програмата е креирана на начин на кој со една проценка се опфаќаат 350 сигнали во однос на тоа во која насока се движи компанијата, а методологијата е прилагодена за секоја држава, со оглед на тоа што во различни општевства има различни вредности.
– Се надеваме дека компаниите ќе се охрабрат, ќе влезат во процесот и ќе ја подобрат својата внатрешна состојба. Оние што ќе имаат најдобри резултати, ќе бидат прогласени како добри работодавачи и компании кои се одлично место за работа и живот, вели Велковска.
Аплицирањето трае до 1 март, а на најдобрите ќе им бидат врачени сертификати (Quintaum) на 16 април.
Според Андреја Кодрин, oсновач и генерален менаџер на Квинтанум, менаџментот мора да следи што се случува со луѓето и како тие промени влијаат врз најважниот ресурс, а тоа е човечкиот фактор.
– Живееме во време на зачестени турбуленции и промени, кои според истражувањето што го правевме во 2019 и 2020 година имале уддел од пет проценти во насоката во која се движеле бизнисите, а по Ковидот, тој процент достигнал 50, за во изминатите четири години 183. Со оглед на интензивинте промени, менаџметнот мора да следи што се случува со луѓето и како тие промени влијаат врз најважниот рерус, а тоа е човечкиот фактор. Според едно истражување работено во соработка со Харвард, како што посочи 73 отсто од предусловите за успешен бизнис се поврзани со луѓето, а потоа следуваат технологијата, капиталот…, истакна Кодрин.
Дел од македонските компании, особено оние од ИКТ секторот и е-трговијата, се согласни дека компаниите мора да ги следат трендовите и да овозможат услови за работа со кои вработените ќе бидат попродуктивни, иницијативни и иновативни. Тоа, според нив, е услов за долгорочен ангажман на вработените.
– Платата е еден од критериумите, но многу е важен и кариерниот развој и сите други фактори. Неопходно е лидерите во компаниите да го најдат балансот меѓу тоа што го бара работата и она што го бара личниот развој на вработените, смета Илија Господинов од МАСИТ.
Според Нина Ангеловска од Асоцијацијата за е-трговија, компаниите мора да се трудат да создаваат подобра работна атмосфера за вработените.
– Зборуваме за професии каде тоа е возможно. Работа од дома, флексибилно работно време, охрабрување на вработените односно кога се на одмор да не одговараат на повици – се е тоа со цел работниците да бидат задоволни. Во светот во кој живееме има многу предизвици, но компаниите мора да се трудат да создадат подобра работна атмосфера каде ќе има тимска работа, каде вработените се ценети и почитувани, каде има содветен мерит систем на препознавање и наградување со цел вработените да бидат позадоволни, а со самото тоа и поадаптивни, попродуктивни и поиновативни. И многу важно е да се негува културата на постојано учење бидејќи без тоа нема одење напред, вели Ангеловска.
Според претседателот на Здружението на словенечки и македонски стопанственици Војдан Јорданов, она што им недостига на македонските компании е иницијативноста. Мора да се тежнее кон помодерен начин на водење на компаниите, вели Јорданов.
Словенечките компании покажуваат поголема усогласеност во балансот на работата и задоволството на вработените. Кај македонските компании, пак, веќе има напредок, но она со што тие се соочуваат се предизвиците во прилагодувањето на очекувањата на младите генерации и усогласувањето на работните со секојдневните активности.
Според словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, благосостојба на вработените не е само прашање на лична среќа, туку таа директно влијае врз продуктивноста, иновациите и успехот на организациите.