Македонските лекторати во светот – интерес има, услови нема

Сега функционираат 11 лекторати, а лекторите во странство живеат бедно со просечна македонска плата


Фото: Б. Грданоски

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, вчера, на отварањето на  57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Охрид, во присуство на пола државен врв, со опоменувачки тон, потцрта, дека е поразувачка реалноста што сега има помалку лекторати по македонски јазик во странство, отколку во времето на СФРЈ.  Затоа, вели,  и во Програмата на оваа Влада како приоритет е зацртано одржување на постојните и отворање нови лекторати и курсеви по македонски јазик на универзитетите во странство.

Во  културен и политички амбиент кога грижата за развој и поддршка на 11 лекторати на странските универзитети е наш и национален приоритет, за разлика од „ златните“ времиња на македонистиката од 70-тите и 80-тите години од минатиот век, кога бројот на македонските лекторати беше речиси двојно поголем, во последните 20 години состојбата само се влошува.

Сега функционираат 11 лекторати  каде што се изучува македонскиот јазик, а во десет држави се студира македонски јазик. Лекторати за македонски јазик има во Турција, Србија, Хрватска, Полска, Романија, Унгарија, Франција, Русија,  Албанија и Кина. Најсилни лекторати имаме во Истанбул и во Риека, каде што има најголем број студенти што го изучуваат македонскиот јазик, а најстари се оние во Букурешт и во Париз. Центри, пак, во кои може да се изучува македонскиот јазик има во Велика Британија, Канада, САД, Полска, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Хрватска и Чешка. На филозофските факултети во Љубљана и во Загреб, како и на универзитетот „Ломоносов“ во Москва, македонски јазик може да се изучува како прв модул, или под А.

Во светот македонски јазик и книжевност изучуваат околу 200 студенти на лекторатите. Дополнителен број студенти учат и во центри во повеќе од десет држави. Иако бројот на студенти, како што објаснуваат македонистите, е стабилен, со неговото зголемување македонскиот збор и култура патуваат подалеку надвор од земјава, па од огромно значење е отворањето нови лекторати.

„Меѓутоа, не се важни толку бројките, туку што ќе се случи понатаму. Колкумина од нив ќе се занимаваат со македонистика, ќе ја изучуваат македонската литература, ќе се занимаваат со превод, ќе пишуваат научни трудови, колку ќе ја научат македонската култура, па за да можат да ја шират понатаму. Важно е да се создадат добри познавачи на македонскиот јазик. За секоја земја е важно да се шири надвор од своето сокаче. Ако никој не нѐ чита, залудно е да имаме и одлична литература. Токму затоа и се важни овие студенти, да се прошират видиците, зборот и културата да патуваат надвор од земјава, па да се види, на пример, како функционира нашата литература во друга култура, на друг јазик, објаснува проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, ексдиректорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура,  универзитетска професорка и книжевна критичарка, водечки познавач на современата македонска книжевност.

Ако нашиот однос кон јазикот и кон книжевно-културните вредности биде со самопочит, тогаш и во светот ќе нè почитуваат. Онака како што епохалната мисија на праучителите Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум е наша гордост, онака како што Конески е знак за култура од светски ранг, онака како што поетска Струга насекаде е позната како поетска „престолнина“.

А дали е денес престиж и чест да се биде лектор по македонски јазик ширум светот? 

Тешко, велат тие. Со плати што не ги покриваат нивните основни трошоци за живот и сместување, принудени да се снаоѓаат како што знаат и умеат, да живеат со просечна македонска плата во големи светски метрополи.

„И покрај ваквата незавидна положба во која се лекторите по македонски јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ тие беа изземени од последните покачувања на платите на вработените на УКИМ“, стоеше во реакцијата на единаесетте активни лекторати во светот.

Тие во април, годинава, ги доставија следните барања до Ректоратот на УКИМ и до Министерството за образование и наука:

  1. Наоѓање соодветно правно решение за корекција на дискриминaторската одлука за изземање на лекторите по македонски јазик во однос на останатите 3 200 вработени со цел нивната плата да го добие покачувањето од 22 % што го добија сите вработени на УКИМ.
  2. Наоѓање соодветно правно решение за корекција на пресметката на платите, со цел лекторите за време на работните месеци да го добиваат целосниот износ од платата што им следува, односно 100 %, како и редовно исплаќање на девизниот додаток.

Со оглед на тоа што секогаш се применуваат правата кои се поповолни за работникот, лекторите кои се вработени во 11 активни лекторати во универзитетите во странство, во периодот од 2021 година до денес, земаат плата согласно Колективниот договор за високо образование и наука, потпишан од Министерството за образование и наука и СОНК, реагираа тогаш од Ректоратот на УКИМ.

„Во Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје коефициентот на лектор е понизок од коефициентот на доцент бидејќи условите за избор на лектор не се еднакви со условите за избор на доцент. Во меѓувреме, испратен е и допис до Министерството за образование и наука од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, да се смени коефициентот за пресметка на плата за лектор во Законот за високото образование, како што е во Колективниот договор за високо образование и наука, каде коефициентот на лектор е на ниво на доцент, соопштија од ректоратот на УКИМ.

Треба да се има предвид дека целиот текст на Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вклучително и коефициентот за плати е усогласен помеѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија и дека не се работи за акт донесен само од УКИМ, велат од Ректоратот на УКИМ. Во врска со девизниот надоместок и начинот на исплатата на платата на лекторите во текот на годината, надлежно е Министерството за образование и наука , стоеше во дописот на Ректоратот при УКИМ.

Оттогаш, ништо. Сега се чека  на решенија на новата Влада, како што вчера потенцираше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на отварањето на  57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Охрид. 

„Негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата Влада. Од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните преговори, рече вчера Јаневска.