Македонските граѓани разочарани од сите, пријател гледаат само во Србија
Анкетата на Преспа институтот, направена во април и мај, покажува дека граѓаните во Македонија сѐ повеќе се вртат кон соседството, место кон ЕУ и НАТО
Македонските граѓани се разочарани од сите – од САД, од ЕУ, од Германија, од НАТО, од Бугарија, од Русија… и како единствен и најголем пријател на државата ја гледаат Србија. Според анкетата спроведена од Преспа институтот, придонесот што го даваат другите за нашата држава се помалку го гледаат граѓаните тука, а позитивната перцепција за Србија е во постојан нагорен тренд и од 2020 година нараснала за 31 отсто. На што се должи тоа нема објаснување, но јасно е дека во прашање веќе не се вакцините што ни ги донираше Белград за време на пандемијата.
Анкетата, направена во април и мај на 1.500 испитаници, покажува дека граѓаните во Македонија сѐ повеќе се вртат кон соседството, место кон ЕУ и НАТО, при што Албанија и Косово котираат повисоко од Грција и разбирливо од Бугарија, која е избришана речиси од мапата на пријатели на Македонија.
Застрашувачко, според оценките од Преспа институтот, е што дури 10, 3 отсто од граѓаните не гледаат воошто пријател на Македонија ниту во една земја или сојуз во моментов, што е огледало на разочараноста од евроинтеграцијата и од проблемите од соседството и зборува за ширењето на општествениот нихилизам.
Анкетата покажа и други вознемирувачки бројки: Така, на референдум за влегување во ЕУ сега би гласале 61 отсто од граѓаните, а против 30 отсто, што е највисоко „против“ откако се мери поддршката за ЕУ. Само 32 отсто од граѓаните би ги поддршлае уставните реформи со кои треба да се отвори пат за ЕУ, а 45 отсто се против.
Од тие, пак, што бараат друга алтернатива место ЕУ, најголемиот број (49 отсто) како причина ја навеле блокадата на евроинтеграцијата, 27 отсто недостигот на реформи,а останатите очекувањето дека ЕУ ќе најде нешто друго за да го забави процесот. Куриозитет притоа е дека на прашањето на кои странски медиуми што известуваат за Македонија или за геополитика им веруваат најмногу, најголем процент ги посочиле – тие во Србија.
Поконкретно, на прашањето која држава или сојуз е најголем пријател на Македонија, 45,3 отсто рекле Србија, второ е Косово со 9 отсто, трет пријател се САД со 6,8 отсто, потоа Турција со 6,7 отсто, Албанија со 5,6 отсто – па ЕУ (со 5.1 отсто) Ерозија во перцепцијата има кај Бугарија, која паднала на 0,2 отсто и на Русија, која од 4,4, отсто во 2020 година падна на 1,1 отсто оваа година. САД од 16,8 отсто поддршка лани паднале очигледно за десет проценти, а Германија едвај и се наоѓа на мапата бидејќи од 12,4 отсто во 2020 година сега како најпријателска ја гледаат само 1,5 отсто од граѓаните, што се објаснува како реакција на заминувањето на Ангела Меркел, со која многумина ја идентификуваа земјата тука.
На прашањето која држава придонела најмногу за демократскиот развој на Македонија, покрај САД ( 24,2 отсто) и ЕУ (22,8), е и Србија (14,7 отсто), иако во Европа не се перцеперира толку како демократска држава колку како автократска. Притоа дури 13, 9 отсто од испитаните рекле дека ниту една земја не допринела за демократски развој во Македонија, очигледно бидејќи не ја перцепираат Македонија како демократска или не веруваат во самите држави.
Околу тоа која држава најмногу придонела за економскиот развој на Македонија , одговорите исто така се изненадувачки – и тука, покрај ЕУ и САД е Србија, иако економските показатели за трговските и економските партнери покажуаваат друга слика. Германија со 10,4 отсто е зад Србија, а од одговорите се гледа дека граѓаните гледаат занемарлив економски придонес од Русија, а речиси не гледаат такво нешто од Евро-азиската унија што ја поддржува Димитар Апасиев. Обединетото Кралство, кое има крупни инвестиции во Македонија не се ни појавува на листата, а објаснувањето е дека овие бројки се рефлексија на растечката непопуларност на ЕУ во земјата (иако Обединетото Кралство веќе не е таму) поради политичките блокади на евроинтеграцијата.
На прашањето, пак, со кои држави или сојузи Македонија споделува најмногу вредности и интереси, а според тоа треба да има најдобри односи, прва е Србија со дури 62, 8 отсто, втора Албанија со 14.9 отсто, а трета „не знам“ со 3.1. отсто. Притоа, иако Македонија стана земја членка на НАТО, алијансата не се наоѓа воопшто на листата, па испаѓа дека со неа не делиме никакви вредности и интереси. ЕУ од 7 отсто во 2020 година паднала на 1 отсто, САД од 1,0 отсто на 0,8 отсто, но паднала и Русија – од 2, 1 отсто на 0,5 отсто. Најинтересно е притоа дека за македонските граѓани културата, религијата, традицијата и историјата се поважни од економскиот развој и дека тие биле основа врз која ги одбрале државите со кои треба да соработуваме.