Македонските фудбалски младинци против Франција, кадетите против Полска во квалификации за ЕП 2022


Македонски фудбалски репрезентации во младинска и кадетска конкуренција денеска ги дознаа противниците во квалификациите за пласман на европските првенства во 2022 година.

Македонската репрезентација до 19 години ќе игра во групата 7 заедно со Франција, Србија и Албанија.

Домаќинот на квалификацискиот турнир, кој ќе се игра во термин меѓу 30 август и 16 ноември следната година, ќе биде одреден дополнително.

Домаќин на Европското првенство до 19 години ќе биде Словачка, а пласман во елитната квалификациска рунда ќе обезбедат двете првопласирани во 13. прелиминарни групи, како и најдобро третопласираната репрезентација.

Денешната жрепка во Нион одлучи македонската кадетска репрезентација до 17 години да игра против Република Ирска, Полска и Андора, во групата 5, за пласман на Европското првенство, кое во 2022 година ќе се одржи во Израел.

Прелиминарните квалификации ќе се играат во термин меѓу 1 јули и 16 ноември следната година, а домаќинот на квалификациската група 5 ќе биде дополнително познат.

Пласман во елитната квалификациска рунда ќе обезбедат двете најдобропласирани во 13. прелиминарни групи, како и уште четири третопласирани репрезентации со најдобар скор во квалификациите.