Македонските фудбалери одиграа храбро против Англија и освоија бод
Македонската фудбалска репрезентација одигра нерешено, 1:1 со Англија вечерва во последното коло од Ц-групата во квалификациите за Европското првенство 2024.
„Црвено-жолтите“ поведоа преку Енис Барди во 41. минута по неуспешниот изведен пенал, но одбиената топка му се врати и тој ја смести во мрежата на гостинскиот голман Џордан Пикфорд.
Англичаните почнаа силно во второто полувреме и по само неколку минути постигнаа гол преку Џек Грилиш, но ВАР интервенираше и беше досуден офсајд.
Сепак, во 59. минута резултатот беше 1:1, откако Јани Атанасов си постигна автогол по гостински корнер. Овој резултат остана до крајот на задоволството на 30-илјадната публика присутна на Националната арена.
За македонскиот национален тим ова е трето реми во шестиот меѓусебен дуел со фаворитот Англија и прв нерешен резултат на домашен терен.
Македонската репрезентација квалификациите ги заврши со осум бода на четвртото место, Англија е прва со 20 бода и обезбедено учество на Европскиот шампионат во Германија следната година.
Покрај Англија, учество на ЕП обезбеди и репрезентацијата на Италија која одигра без голови против Украина со која има ист број бодови, но подобра гол разлика.