Mакедонските фудбалери го одржаа првиот тренинг по пристигнувањето во Амстердам


Амстердам од денеска е новата база на македонските фудбалери, кои попладнево го одржаа првиот тренинг во холандскиот град спроти дуелот против домашната репрезентација во рамки на ЕУРО2020.

По двата порази во Букурешт против Австрија (1:3) и Украина (1:2), македонската репрезентација в понеделник против Холандија го игра натпреварот од последното трето коло во групата Ц.

За избраниците на Игор Ангеловски тоа воедно ќе биде и последниот натпревар на дебитантскиот настап на Европските првенства, откако по вчерашниот триумф на Холандија над Австрија (2:0) „црвено – жолтите“ останаа без шанси за пласман во нокаут фазата.

И покрај тоа, амбициите и мотивираноста кај македонските фудбалери се на високо ниво во обид против фаворизираната Холандија да ја забележат првата победа на ЕУРО2020.

Натпреварот се игра в понеделник од 18 часот на „Јохан Кројф Арена“ во Амстердам.