Македонските Бугари тврдат дека „нереформирана Македонија ќе му служи на Кремљ“


Една од средбите на претставниците на македонските Бугари со претседателот Румен Радев

 

Претставниците на здруженијата на македонските Бугари им испратија писмо на претседателите на Македонија и Бугарија (Стево Пендаровски и Румен Радев) и на двајцата премиери (Димитар Ковачевски и Кирил Петков) во кое ги отфрлаат сите идеи војната во Украина да го забрза патот на Македонија кон ЕУ. Критикувајќи ги изјавите на многу луѓе дека има сличности меѓу постапките на Москва и Софија, македонските Бугари велат дека таквите споредби им „служеле на интересите на Кремљ“.

„Божемните аналитичари се однесуваат или наивно или мотивирано материјално или во некоја друга форма. Но, всушност, без да го сфатат тоа (или можеби сосема свесно) им служат на интересите на Кремљ или на кој било друг центар кој има интерес да не ги решава споровите меѓу Бугарија и Македонија. Затоа што метењето под тепих на нерешените прашања меѓу Софија и Скопје ќе донесе сериозен проблем во процесот на евроинтеграциите на Македонија, подготвувајќи нѐ за турско или српско сценарио за преговори што ќе траат со децении. И затоа што ставањето на нереформирана Македонија на европскиот пат всушност ќе донесе повеќе канали на интересите на Кремљ во ЕУ. Згора на тоа, за нас, луѓето кои ревносно ја чуваа својата бугарска свест во Македонија, ќе биде погубно ако бугарската јавност затвори очи пред проблемите. Ова е директна опасност за нас. Затоа што ЕУ не треба да се користи за легитимирање на кршење на човековите права и достоинство на Бугарите во Македонија“, велат во своето писмо претставниците на здруженијата.

Тие бараат „сите спорни прашања да се решат сега, пред Република Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ. За да нема никогаш повеќе предуслови Бугарија да го запре овој процес. Работиме и се стремиме кон брза патека, по решени проблеми, а не за идни недоразбирања и нови блокади. Признавањето на нерешените прашања меѓу Македонија и Бугарија во преговарачкиот процес не е во интерес на Бугарија, Македонија или македонските Бугари, туку всушност само во интерес на оние кои сакаат да го забават или блокираат процесот на евроинтеграции.Македонија“, се вели во подолгото писмо.

Во него се повторуваат тезите на многу бугарски историчари дека Советскиот Сојуз имал „суштинска улога во создавањето на македонизмот и неговото насилно наметнување како државна политика во Бугарија и Југославија“. И дека Москва има голема вина за наводниот прогон и репресии на македонските Бугари.