Македонските Бугари пак отидоа кај Радев, тој бара да се промени уставот пред почетокот на преговорите со ЕУ

Бугарскиот претседател изјави дека впишувањето на македонските Бугари во уставот треба да се случи пред да почнат преговорите со ЕУ


Една од средбите на претставниците на македонските Бугари со претседателот Румен Радев

 

 

Откако разговорите за новиот пристап во односите меѓу Бугарија и Македонија ја фатија динамиката, делегација на македонските Бугари повторно замина во Софија на средба со претседателот Румен Радев за да побара гаранции од бугарската држава дека ќе се грижи за нив. Радев ги повика владите на Бугарија и Македонија, заедно со продлабочувањето на економските односи, да започнат со решавање на отворените политички прашања. Меѓу нив е и барањето македонските Бугари  да се впишат во нашиот устав пред да почнат преговорите со ЕУ. Само така, според Радев, Бугарија ќе ја одобри преговарачка рамка со ЕУ.

„Вклучувањето на македонските Бугари во уставот на Северна Македонија мора да биде задолжително за почеток на преговорите. Пред да ја отвориме вратата за почеток на преговорите, да видиме јасен одржлив процес за искоренување на говорот на омраза“, рече Радев.

„Заедно со сите активности за продлабочување на соработката во економијата, транспортот и културата, мора да има јасен распоред за решавање на отворените политички прашања. Ако ги оставиме настрана, порано или подоцна тоа ќе го блокира процесот на европска интеграција на Северна Македонија“, додаде тој.

Не е јасно како може да се направи тоа, кога за таква одлука е потребно двотретинско мнозинство во македонското собрание, кое сега го нема.

Ова барање, според Радев, не било мешање во внатрешните работи.

„Ова не е мешање во внатрешните работи на Северна Македонија. Напротив, тоа е израз на нашата загриженост и поддршка за ефективен пат кон членство во ЕУ“, рече Радев.

„Не поддржувам никакви идеи за малцинствата и какви било сепаратистички струи, но ја поддржувам вашата аспирација да бидете полноправни граѓани на вашата земја, да имате место во квотата застапеност во администрацијата, да станете видливи во правниот мир на вашата земја“, објасни тој.

Радев прими претставници на политичката партија Граѓанско-демократска унија (ЦДУ), здруженијата Центар за култура „Иван Михаилов“ – Битола“, „Трибина“ – Прилеп, Македонско-бугарско пријателство – Скопје“, „Коридор 8“. – Скопје, „Интеракција“ – Охрид, „Единство“ – Кочани.

Лидерот на Граѓанско-демократската унија (ЦДУ) Петар Колев од своја страна истакна дека организациите на македонските Бугари сакаат да го заштитат бугарското културно-историско наследство во Македонија.

„Затоа инсистираме на итни акции за да се направат промени за расветлување на историската вистина за нашите заеднички предци, што несомнено, јасно и категорично ќе се одрази во воспитно-образовниот процес во РСМ, бидејќи никој од нас повеќе не може да трпи децата да ни се враќаат од училиште зашто тамошните Бугари затоа што тамошните Бугари се прогласени за фашисти, окупатори и Татари, кои биле најголемиот непријател на нашата земја. Очекуваме јасна и решителна акција во овие правци“, рече Колев. (Н.В.)