Македонскиот Толстој или македонската „Војна и мир“

Предговор на Венко Андоновски за руското издание на „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, во издание на Центарот за книга „Рудомино“ од Москва. Андоновски го нарече романот најголем македонски бестселер на сите времиња


Романот „Пиреj” излезе од печат во Москва на инициjатива од Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа го преведе уште во 2008 година, а го обjави издавачката куќа „Феникс“ од Скопjе. Како што обjаснува Панкина, романот на руски веднаш предизвикал интерес каj публиката, но, сепак, книгата не можела да допре до широк круг рускоjазични читатели. Сметаjќи го романот на основоположникот на современата македонска проза, Петре М. Андреевски, за ремек-дело, таа си постави за задача да го преобjави во Москва.

Оваа година, Центарот за книга „Рудомино“, со коj Олга Панкина плодно соработува веќе 15 години, jа поддржа идеjата. Центарот за книга има обjавено творби на повеќе од 20 македонски автори.

Ова издание на „Пиреj“ е многу квалитетно (368 страници, тврд повез) и изгледа современо. На корицата има фрагмент од сликата „Стара куќа” на Олга Панкина. Предговорот за книгата го напиша Венко Андоновски. 

Еве што напиша во предговорот кон руското издание Андоновски, кој го нарече романот на Андреевски, најголем македонски бестселер на сите времиња.

„Рускиот читател  кој во моментов ја држи оваа книга в рака, се наоѓа во исклучително ретка и чудесна семиотичко-културолошка ситуација: тој го чита македонскиот Толстој, односно македонската Војна и мир. Тоа е романот Пиреј на класикот на македонската современа книжевност, Петре М. Андреевски (1934-2006), човек чие име се става рамо до рамо со основоположникот на современата македонска поезија, Блаже Конески, како негов двојник, со тоа што Андреевски, кој иако пишуваше и сјајна поезија, се смета за зачетник на современата македонска проза.

Сјајниот семиотичар Јуриј Лотман, во својата книга Семиосфера, кога говори за културите како семиосфери, ја нагласува нивната „порозност”: културите можат да „се преведуваат“ една во друга, и што е уште поважно, да се толкуваат една со друга, благодарејќи му на феноменот на „огледување”. Тој момент на огледување се случува кога еден писател, од помала семиосфера се преведува на јазикот на поголема семиосфера: во тој момент тој станува дел од големата семиосфера, преку механизмот на препознавање. На пример, некој македонски писател преведен на руски се препознава како македонски Пушкин, некој како Лермонтов, некој како Достоевски. Со тоа функционалистичко гледиште, всушност, не се утврдува структурна, туку функционална сличност меѓу двајца писатели од две различни култури. Така и Петре Андреевски, иако според структурата на своите романи не е идеална „копија” на романите на Толстој, ја исполнува истата функција во македонската култура како онаа што ја исполува Толстој во руската. Тој е основоположник на модерниот реалистичен историски роман, и затоа Пиреј го нареков македонски Војна и мир.

Бидејќи секогаш кога основната референција на романот се обезбедува од дискурсот на историјата говориме за високо убедлив, реалистичен роман (дури и да има тој значително видливи модернистички својства, како Пиреј на Андреевски), првиот чекор што треба да се направи при претставувањето на таквиот роман пред странска читателска публика, е да се даде историскиот контекст на дејството. Рускиот читател не е должен да ја познава македонската историја, и  посебно оној дел кој се однесува на војните од почетокот на ХХ век, а за кои говори Пиреј. Затоа, еве неколку основни информации за историјата која е заднина на личната драма на едно македонско семејство од тоа време, семејството на Јон и Велика.

Времето на случување на дејството cе Балканските војни (1912-1913), Првата светска војна и потоа, сè до бугарската окупација во Втората светска војна, кога романот завршува со закопот на Велика. Тоа значи дека романот покрива период од околу 30 години, од ХХ век. Местото на случување е Македонија, каде тогаш биле стационирани многу војски – српски, бугарски, француски, англиски, германски и австриски, но регрутираните војници биле, најмногу, од Македонија. Во врска со Балканските војни (две), треба да се каже дека по неуспехот и крвавото задушување на Илинденското востание од страна на Османлиите (1903), македонскиот народ и другите националности кои живееле на таа територија, стануваат свесни дека поради незаинтересираноста на големите светски сили за „македонското прашање“, нема да можат да се ослободат самите. Тоа нивно разочарување го користат соседите – Бугарија, Грција и Србија, за своја пропаганда, така што настанува раскол во самиот македонски народ: едни веруваат дека Србите се спасоносниот сојузник, други Бугарите, трети – Грците. Се разбира, трите соседни земји имаат план за поделба на Македонија, но тоа обичниот народ не го сфаќа. Затоа, Пиреј во прв ред ги опишува страдањата на македонскиот војник фрлен во рововите на Балканските војни и Првата светска војна, фронтови на кои не знае за кого се бори и зошто, а ретко кој сфаќа дека се бори за туѓи национални идеали. Во овој роман, Јон е тој трагичен македонски воин, кој треба да си ги остави коските на некој фронт за туѓи национални интереси, а Велика е неговата жена, традиционална македонска мајка и домаќинка, која не успева да го сочува семејството додека Јон е во војна. Нејзе ѝ умираат, во отсуство на Јон, сите пет деца: Ангеле, Капинка, Роса, Здравко и Ѕвездан, од болести и глад. Не успева таа традиционална, пожртвувана, храбра, достоинствена македонска мајка да ги сочува своите деца. Кога Јон се враќа од војната, остарен, со целосно уништен живот – наоѓа празна куќа. Со Велика во неа. И тогаш решаваат да го родат – Роден, да тргнат од ново, да го обноват куќниот праг! Трагедијата на планот на темата, но и жилавата упорност да се почне од почеток, човек да не се предаде – тоа е она што го прави овој роман возвишен.

На некои места романот целосно реалистично ја открива трагедијата на Македонецот од тоа време. Се случува, имено, на фронтот да се сретнат двајцата браќа (Јон и Мирче) регрутирани од две различни страни, односно да се гледаат преку „нишанот“ на оружјето. Таа братоубиствена војна го користи Јон како српски, а Мирче како бугарски војник! Војната во Пиреј е претставена како шаховска табла на која пионите, кои не се чувствуваат ни црни ни бели (Македонците), со принуда мора да ја извршат својата задача: да го положат својот живот или за „белиот“, или за „црниот“. Средбата меѓу Мирче и Јон на Солунскиот фронт за малку ќе завршела трагично. За среќа, Мирче го заробува брата си Јон, и со тоа го спасува од сигурна смрт во битката! Пораките за апсурдноста на војната, за неоформениот македонски национален идентитет, за ужасната историска неправда кон Македонецот од страна на западните светски сили, кои го сметаат за живо топовско српско, бугарско или грчко месо, за ужасните физички и психички страдања и трауми од овој период, најдобро ги опишува Јон, кој иако е Македонец, се чувствува пред сè како човек космполит: „Пред малку само трчавме еден кон друг: и од едната страна има наши луѓе и од другата страна има наши луѓе. А и сите луѓе на светот се наши. А навалуваме еден на друг. Околу нас само куршуми цивкаат, ама ниеден не ме погаѓа. Среќа, ба му ја. Некогаш не те сака ни господ.“

Актуелноста на Пиреј денес (тој, заедно со Крпен живот на Стале Попов е најголемиот македонски бестселер на сите времиња) најверојатно се должи и на геополитичката ситуација во која денес се наоѓа Македонија, сега преименувана, повторно по барање на еден од соседите (Грција), како Република Северна Македонија. Не треба тука да се потценат ни денешниве бугарските вета за прием на така преименуваната држава во Европската унија, сè додека пред Бугарите не се признае, од македонска страна, дека македонски јазик не постои, дека тоа е само дијалект на бугарскиот јазик и дека Македонија нема своја самостојна историја, туку дека таа македонска историја треба да се ревидира според заеднички, бугарски аршини. Настрана што граѓаните на денешна Република Северна Македонија (без разлика на националност и вера) се остро, речиси непријателски поделени на две идеолошки групи: едни се „за Запад“, други „за Исток“. Првите самите си се именуваат како „авангардни космополити“ („проевропски“ и „проамерикански“ ориентирани), а другите ги сметаат за „конзервативни“ и „националисти“. Но, погледнато од објективна гледна точка, под западно ориентиран Македонец се подразбира некритичко прифаќање на сè што доаѓа од Европа и Америка, како тоа да е по дефиниција демократско нешто и ментално здраво нешто; под „источно ориентиран“ Македонец се подразбира човек кој ги почитува својот национален идентитет, самостојноста, патриотизмот и словенофилството. Се разбира, агресивната западна пропаганда прави сè за да направи евроатлантски монолит и да го избрише македонскиот национален идентитет како вековен континуитет на сесловенството. Тие денешни идеолошки спротивни ровови, во кои брат држи брата „на нишан“, многу потсетуваат на оние во Пиреј.

Како што се гледа, Пиреј како да е пишуван денес и за денес. Затоа и ден-денес се чита, дури и од најмладите генерации, кои повторно под западно влијание, предност му даваат на трилерот наспроти историскиот роман.

***

Но, романот, за своето дејство, покрај фронтот, користи и уште еден простор – тоа е просторот на родната куќа на Јон. Во таа куќа, паралелно со страдањата на Јон на фронтот, ги следиме страдањата и на Велика, жена препуштена на самата себеси, без глава на куќата, а соочена со болести, помори, глад и беда. Ја следиме драмата во која, едно по едно, на Велика ѝ се лизгаат од раце петте деца! Резултат: промашени животи, напразно проживеани години. Поентата е сепак силна: од шест деца, само едно останува живо. Тоа е Роден Мегленовски (има симболика и во неговото име). Роден е тој што ќе го продолжи родот, семето. Тоа е и идејата на романот, „сокриена“ во метафората на насловот: „Племето наше е пиреј“, вели на едно место Лазар Ночески, „и не го ништи ниедна војска и ниедна болест“. Споредбата со пирејот, трева што никогаш не може докрај да се истреби и искорне е умесна – македонскиот народ нема да исчезне од лицето на земјата.

И, ако Пиреј според содржината е историски реализам од типот на Војна и мир, тогаш според својата форма тој е роман раскажан според начелата на дијалогичност и полифоничност на еден Михаил Бахтин. Страдањето на Велика и Јон е раскажано „во два гласа” (како музичка фуга): женскиот глас, на Велика и машкиот, на Јон. Тоа значи дека напоредно, една глава во романот раскажува Велика (таа говори за настаните во куќата додека е Јон на фронт), а друга глава раскажува Јон (за фронтот). Тоа подразбира дека имаме и две гледни точки во романот: во главите кои ги раскажува Велика ги гледаме настаните со нејзини очи, во главите кои ги раскажува Јон ги гледаме настаните со негови очи. Критичарите обично велат дека романот со две или повеќе гледни точки е модернистички, а не реалистички роман, но невозможно е да се исцрта строга граница на која реализмот поминува во модернизам. Впрочем и Војна и мир или Ана Каренина се полифонични и полифокални, модерни романи, иако во суштина се класираат како реалистични.

Втората модернистичка особина на формата на Пиреј е тоа што, покрај две гледни точки и двајца „јас“ раскажувачи, постои над нив и уште еден „архи-раскажувач“ („над“-раскажувач), кој ги обединува расказите и на Велика и на Јон во едно. Тоа е Дуко Вендија. Романот започнува така што се редат слики од погребот на Велика Мегленовска. Времето е – бугарската окупација, веќе од Втората светска војна. Велика починала а на погребот од туѓина и печалба е дојден Роден, нејзиното шесто и единствено живо дете. По закопот, Роден останува на гробиштата со Дуко Вендија, сведок на животот на Велика, и од него бара да му ја раскаже историјата за мајка му Велика и татко му Јон. Така, целиот роман станува една голема ретроспекција, сеќавање на Дуко Вендија за Велика и Јон. Роден не го памети татка си, оти на денот на неговото раѓање Јон умира; претпоставка е дека тој многу малку знае и за својата мајка, оти на млади години заминал на печалба. Според тоа, сè што раскажуваа Јон и Велика, навидум со свои усти – всушност му го раскажува Дуко Вендија на Роден.

Стилот на Андреевски е посебен: неговите ликови говорат со дијалектни форми, како да се „снимени“ на магнетофонска лента, што е исклучително тешко за превод, бидејќи вклучува и поговорки, локални изреки, суеверија… Неговата реченица, кога тој раскажува (а не неговите ликови), е полна со стилски мајстории и изненадувања, метафори и адверсативни конструкции, изразни форми за кои сите негови досегашни преведувачи на разни јазици тврдат дека се многу тешко преведливи! Затоа, честитки и огромна македонска благодарност за госпоѓа Олга Панкина, славистка и сјајна преведувачка на повеќе македонски книжевни бисери, од кои Пиреј е секако најкрупниот“.