Македонскиот репрезентативен голман Божиновски позитивен на коронавирус


Репрезентативниот голман, Даниел Божиновски доби позитивен тест на коронавирус и нема да биде во составот на македонската А репрезентација за ноемвриските натпревари против Грузија (12 ноември), Естонија (15 ноември) и Ерменија (18 ноември).

Голманот на Силекс во неделата при пристигнувањето во Скопје беше подложен на тестирање, а веднаш откако му беше потврден позитивниот резултат го напушти хотелот, без да има контакт со останатите лица од репрезентацијата, стручен штаб или фудбалери.

– За жал, позитивен сум на коронавирус и ќе мора да поминам одреден период во карантин. Немам симптоми, но принуден сум да бидам изолиран од соиграчите во следниот период. На репрезентативните колеги им посакувам многу среќа и успех во намерата да се избориме за пласман на Европско првенство. Јас ќе бидам еден од најголемите поддржувачи, изјави Божиновски за веб-страницата на ФФМ.

Селекторот на македонската репрезентацијата, Игор Ангеловски нема да повика друг голман за натпреварот со Грузија, но остава отворена можност тоа да го направи за дуелите од Лига на нации против Естонија и Ерменија.