„Македонскиот пријател“ Лутник го губи влијанието околу Трамп. Барајте го телефонот на министерот Скот Бесент

Министерот за финансии Скот Бесент го опишуваат како „вистински возрасен во оваа просторија“ кој ja презеде главната улога во Белата куќа во смирување на војната со царините. Лутник е премногу „абразивен“


Скот Бесент, Доналд Трамп и Хауард Лутник во Белата куќа

 

Премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук објави дека во средата имал телефонски разговор со американскиот секретар за трговија, Хауард Лутник, во кој се зборувало за македонско-американското стратешко и економско партнерство. И го уверувал Лутник дека стратешкото партнерство со САД е врвен приоритет за македонската влада. 

Мицкоски неколку пати во изминативе денови, а и во објавата на Фејсбук, наведува дека Лутник е секретар за економија, што не е точно. Хауард Лутник е американски секретар за трговија, што се две различни работи.

За македонските власти Хауард Лутник е клучниот човек да се „влезе во периметарот“ на Белата куќа и претседателот Доналд Трамп. Тој веќе еднаш беше во Скопје минатото лето.

Се разбира, главен поттик за разговорот Мицкоски-Лутник бил Македонија да биде изземена од тогаш важечките царини од 33 отсто за производите од нашата земја. Трамп малку подоцна во уште една неочекувана одлука ги укина царините за сите земји освен за Кина, која сега изнесува дури 145 проценти. За Македонија и сите други земји во наредните 90 дена ќе важи стапката од 10 отсто.

Но Трамп оваа недела не ја промени само својата тарифна стратегија, туку и неговиот трговски тим. Македонскиот премиер треба да бара друг човек во периметарот на Трамп, а не Хауард Лутник. Според повеќе извештаи во американските медиуми клучен човек во трговската војна на Трамп и за стивнување на „лудилото“ сега е министерот за финансии Скот Бесент, поранешен менаџер на хеџ фонд и управител на парите на милијардерот Џорџ Сорос.

Како што пишува американски „Политико“ главниот канал на Белата куќа до загрозените финансиски пазари сега е Бесент, популистот Питер Наваро е отфрлен на маргините, а на Хауард Лутник повторно му е дадена улогата на „лош полицаец“, според тројца луѓе блиски до Белата куќа.

Што значи, македонските претставници во трговските преговори (дали е тоа премиерот Мицкоски или министерот Тимчо Муцунски) треба да го бараат телефонот на Скот Бесент, а не на Лутник, кој веќе го имаат. Еден од изворите на „Политико“ рече дека Белата куќа уште верува дека може да ја искористи тешката личност на Лутник во преговорите.

Ројтерс дава анализа како дошло до брзата промена на улогите во војната со царините и како Скот Бесент се појави на чело на тимот.

„Неколку минути откако претседателот Доналд Трамп објави 90-дневна пауза на тарифниот план што предизвика пад на берзата и глобална криза, американскиот министер за финансии Скот Бесент излезе од Белата куќа за да го објасни наглиот пресврт. ‘Претседателот Трамп создаде максимално преговарачко влијание за себе’, им рече Бесент на новинарите. ‘Ова беше неговата стратегија цело време’.

Тоа беше досега најјасен знак за поголемата улога што Бесент ја презеде оваа недела во артикулирањето на трговските политики на Трамп на финансиските пазари“.

Според Ројтерс, а и според „Политико“, Бесент се смета за „единствениот возрасен во просторијата“, давајќи му го на претседателот најдобриот совет меѓу тимот советници за трговија. Скот Бесент бил единствениот што секогаш се обидувал да се спротивстави на протекционистите во Белата куќа (Лутник и Наваро) кои секогаш го притискаа Трамп да продолжи со тарифите.

Бесент јавно се држеше до сценариото на администрацијата во одбрана на првичната тарифна политика. Но, во приватни разговори, тој го придвижил претседателот кон преговори со други земји, според еден извор со блиски врски со Белата куќа.

Поранешниот конгресмен Чарли Дент, републиканец од Пенсилванија, го опиша Бесент како „вистински возрасен во оваа просторија“ кој ги разбира економските импликации од постапките на Трамп.

Во текот на минатиот викенд Бесент одлетал од Њујорк до Флорида, каде Трамп играше голф, а потоа отпатува назад во Вашингтон со претседателот за да разговара за нивната порака околу царините за пазарите.

Бесент им рече на новинарите во средата дека тој и Трамп имале долг разговор во неделата. „Во моите 35 години на пазарот, секогаш сакав сигурност, па мислам дека имаме поголема сигурност“, рече тој. Трамп ги задолжи Бесент (а не Лутник) и трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, да започнат разговори со Јапонија.

„Трамп сака прво да создава хаос, а потоа смиреност, хаос, смиреност – само за да ги натера сите да нагаѓаат“, рече поранешен функционер од администрацијата на Трамп за „Политико“.

Таа смиреност и хаос постојат и во орбитата на Трамп, која е вечна игра на шах додека играчите се движат во и надвор од кругот на влијание. Додека борбите со ножеви на првата администрација на Трамп во голема мера отсуствуваат од неговата втора администрација, раздвижувањето за тоа кој ја води тарифната политика е потсетник дека борбите за влијание и блискост не се завршени.

Според овие извештаи, сојузниците на Белата куќа во последниве недели го опишуваат Лутник како абразивен и незгоден гласник за претседателот, илустрирано во неодамнешното телевизиско интервју, во кое тој рече дека напорите за обновување ќе резултираат со „армија од милиони и милиони човечки суштества што ќе завртуваат мали завртки за да направат ајфони“ да дојдат во земјата. Еден од луѓето блиски до Белата куќа рече дека шефицата на кабинетот Сузи Вајлс се обидува да го спречи Лутник да има понатамошни телевизиски настапи.

Поранешниот службеник на администрацијата додаде дека Лутник „има агресивен тон кога зборува, а лидерите на странските земји тоа го толкуваат како снисходливо“.

Кога е во прашање Доналд Трамп во ништо не можеш да се обложиш. Па ни во самозамислената претстава дека си во неговиот периметар. Хауард Лутник беше негов човек од доверба неколку години наназад, но светската трговска сцена не е исто што и Волстрит, каде што тој направи милијарди. Во трговската војна има и многу глобална политика, а не само заработување пари. Трамп очигледно овие десетина дена има повеќе доверба во смирениот и „возрасен“ министер за финансии Скот Бесент, отколку во „абразивниот“ Хауард Лутник. За три недели можеби ќе биде поинаку, но македонските власти веќе требаше да бараат нови канали за комуникација со Вашингтон, а не да се потпираат само на „пријателот“ Хауард Лутник. (Љ.П.)