Македонскиот фудбал на „Спорт клуб“ или „Арена спорт“?


Фудбалските прволигаши со рок за изјаснување до среда за продажба на ТВ правата за сезоната 2019/20. На маса имаат две понуди. Едната е од Спорт Клуб, втората е од Арена спорт. Се разликуваат и по содржина (обем на преноси) и по финансии, но и двете одат во насока на популаризација на домашното првенство во регионални рамки. Она што го обединува како пакети е што и двете го опфаќаат и националниот Куп.

„За развој и напредок на македонскиот фудбал е важно и ФФМ и клубовите да најдат заеднички јазик по важни прашања. Сметаме дека ова е значајно прашање за кое ние како раководство посветивме големо внимание и се надевам дека ќе имаме заедничка корист. Како корист од евентуален договор за ТВ правата е промоција на македонскиот фудбал, а сумата целосно ќе биде распределена на клубовите“, истакна претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини.

„Гола“ информација за одржаниот состанок е објавена и на интернет страница на ФФМ, но без детали до кои, сепак, стигна „Независен Весник“ преку свои канали. Дознаваме дека понудата на Спорт Клуб“ е околу 120.000 евра за цела сезона и за неколку илјади евра е финансиски посилна од онаа на „Арена Спорт“ (околу 100.000 евра). Понудата на „Спорт Клуб“ се однесува на преноси од два меча од секое коло во прволигашката конкуренција, „Арена Спорт“, пак, нуди да пренесува по еден натпревар. Кон нив и пет од македонскиот Куп што најверојатно ќе значат по две полуфинални пресметки и големо финале.

Финалниот одговор од клубовите за отстапување на ТВ правата се очекува во среда. Нивните претставници се запознати и со сумата што е понудена и со условите и на нив е да одлучат дали ќе се одважат и ќе одат на регионалните ТВ станици. Во случај на позитивно изјаснување, дополнително ќе се расправа за принципот на распределба на средствата, односно, дали ќе биде линеарен (секому иста сума) или ќе зависи од застапеноста на секоја екипа поединечно на ТВ екраните низ сезоната. Дополнително ќе се расправа и дали натпреварите ќе одат со коментар на македонски јазик или ќе се следат на српски или на хрватски.

Сашко Ѓ. Димовски