Филмаџиите не снимаат и се борат за егзистенција, бараат министерот за култура да преземе мерки
Во момент кога сме длабоко навлезени во четвртиот месец од мандатот на в.д директорката на Агенцијата за филм Даниела Плачковска Станковска, период во кој снимања речиси и да нема, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и во кој годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен. Ова е наведено во отворено писмо адресирано до министерот за култура Зоран Љутков, од одговорните во Друштвото на филмски работници (ДФРМ).
„Македонските продуценти секојденево се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки, а нашата држава престанува да биде дел од европското филмско семејство. Загрозено е и нашето членство во значајни регионални, европски и светски организации и асоцијации. Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025та година, ставката за филм изнесува само 2.4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување“, пишува во писмото.
Во изминатите неколку години ДФРМ многупати јавно укажувало дека е потребно стандардизирање на буџетот за филм по претходно утврдени параметри, а посебно во неколку наврати алармирало дека проектираниот буџет од страна на Министерството за култура за филмската дејност за 2024 година, не е доволен за елеметарно да се покријат потребите на кинематографијата.
„Денеска повторно јавно укажуваме дека предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија. Затоа бараме од Владата, од Министерството за култура и Министерството за финансии ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм. Воедно, како филмски автори и филмски професионалци за кои работата на филм значи се`, ја истакнуваме неопходноста за кадровска консолидација во Агенцијата за филм. Веруваме дека Министерството за култура ќе ги земе во предвид нашите укажувања и нема да ја продолжи погубната политика од минатите години, затворајќи ги очите пред успесите на македонскиот филм, ниту ќе го игнорира фактот дека нашите филмови се апсолутен предводник во промоцијата на македонската култура во светот“, се наведува во писмото.