Македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ премиерно на фестивалот „Сламденс“ во Парк Сити


Македонскиот игран филм „Снежана на крајот умира“ по сценарио и во режија на Кристијан Ристески ќе има премиера на фестивалот „Сламденс“, кој ќе се одржи на два начина, со физичко присуство и онлајн, од 20 до 30 јануари во Парк Сити, САД, соопштија продуцентите на филмот.

„Снежана на крајот умира“ е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Филмот е составен од три испреплетени приказни за три групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.

Филмот е македонско-кипарска ко-продукција меѓу продукциските куќи Вертиго Висуал (МКД) и Карета Филмс (КИП), а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Кипарскиот филмски фонд. Продуцент на филмот е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис,
сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, кастинг директор е Мони Дамевски.

„Сламденс“ е Оскар-квалифицирачки фестивал на дебитантски филмови со буџет до милион долари, чие мото е „од филмаџии за филмаџии“. Оваа година селекцијата на филмовите е извршена од преку 8.100 пријавени филмови. На овој фестивал своите светски премиери ги имале режисерските дебија на Кристофер Нолан (познат по „Tenet”, „Dunkirk“, „Inception“), Бонг Џун Хо (познат по „Parasite“, „Okja“, „Memoirs of a Murder“), Шон Бејкер (познат по „Red Rocket“, „The
Florida Project“, „Tangerine“)…

Фестивалскиот лајнап беше објавен вчера на фестивалскиот вебсајт и во престижните филмски списанија Варајети, Скрин Дејли и Холивуд Рипортер.