Македонскиот филм „Хомо“ со две награди на фестивал во Италија
Mакедонскиот филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов-Изи се закити со две награди на 22. издание на Фестивалот на европски филм, кој деновиве се одржа во Лече, Италија. Филмот беше награден од публиката, како и со признанието „Cineuropa“.
Режисерот Валерио Карузо кој ја додели наградата истакна: И покрај трагедијата, филмот е забавен и влева надеж низ очите на детето, кога се изгледа изгубено. „Хомо“ е скопски филм, за нашата генерација и времето во кое живееме“, истакна режисерот Игор Иванов Изи кој воедно е и претседател на Друштвото на филмските работници.„Хомо“, е негов трет долгометражен филм.
„Филмот го носи духот на постиндустриската кинематографија, ослободен од потребата за монументалност и потпишан со безвременост“, истакна продуцентот Томи Салковски. По националната премиера, Хомо ја имаше својата светска премиера на фестивалот во Гоа, Индија, а потоа и на серија фестивали на американскиот континент. Сценариото го потпишуваат Игор Иванов и Сашо Кокаланов.
Актерската екипа ја предводеа: Александар Матовски-Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Мајлинда Косумовиќ од Косово во улогата на Зана, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски на кого ова му беше дебитантско остварување на долгометражен филм – во улогата на Поп Демијан, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот Др. Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев – во улогата на Виктор и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.
Филмот e вo продукција на „Скопје филм студио“ и е дел од широка копродукција со Косово, Бугарија и Хрватска. Ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија).
Скопје филм студио склучи договор со Јавната Медиумска Групација од САД (Public Media Group of Southern California) за дистрибуција на филмот за американскиот пазар. Со потпишувањето на овој договор, македонскиот игран филм “ХОМО“ станува достапен за гледачите во Соединетите Американски Држави (САД).