Македонски вина ќе може да се видат, но и да се купат во новиот Вински музеј во Кавадарци

Вина од македонски производители ќе може да се погледнат и да се купат во новиот кавадаречки Вински музеј што ќе биде отворен на 7 септември, Денот на ослободувањето на Кавадарци.

Вината ќе бидат изложени во посебни витрини и ќе бидат дел од музејската поставка. Станува збор за вина произведени во средни и големи винарници, но и во мали семејни винарии.

-Во иднина ќе има можност и за дегустација на македонски вина во рамки на активностите на Музејот и на манифестациите кои претстојат. Музејската поставка претставува отсликување на развојот на лозарството и винарството во најголемиот лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот, од антика до денес, изјави за МИА в.д. директорот на Локален вински музеј за регионот „Тиквеш“ Кавадарци, Весела Честоева.

Честоева најави и други активности со кои, вклучувајќи го и новиот Музеј, ќе се привлечат што поголем број туристи.