Македонски туристи во Халкидики: Не се исплашија од невремето, туку од струјата и од водата


Халкидики полека се враќа во нормала по катастрофалното невреме во средата што одзеде седум животи и нанесе огромна материјална штета на полуостровот. Најголемиот дел од местата по крајбрежјето меѓу Солун и Халкидики, како и на краците Касандра и Ситонија, сè уште се без вода. Продолжува и расчистувањето на патиштата. Службите ги санираат штетите, работат деноноќно за да обезбедат пристојни услови за гостите што треба викендов и следните денови да дојдат на Егејското Море.

Вчераутро на Халкидики осамна убав и сончев ден што ги израдува домаќините, но и многубројните гости од регионот што одмораат на популарните грчки летувалишта: Пефкохори, Полихроно, Неа Фогита, Неа Каликратија, Никити, Неос Мармарас и Сарти.

„Сите вие што треба да дојдете во следните денови – воопшто да не се грижите. Ситуацијата веќе не е алармантна, најлошото замина далеку и се надеваме оти сонцето ќе се задржи и следните денови. И прогнозата вели дека наскоро ќе се нормализира временската ситуација. Иако и натаму напорно се работи на тоа, струја и вода нема во сите места, но најважно е што нашите луѓе се добро. Материјалното ќе се надополни, но многу сме тажни поради изгубените животи и унесреќените семејства. Се надеваме дека ваквите немили настани што се повторуваат речиси секоја година во Грција конечно ќе престанат“, се наведува во најпознатата група на „Фејсбук“ за промоција на летување во Грција.

Туристите јавуваат дека последиците од невремето и натаму се видливи, во парковите се распослани уништените дрва, тендите паднале пред продавниците и рестораните, бензински пумпи и хотели се без покриви, располовени автомобили се „паркирани“ на улиците…

„Водата во морето е исчистена, па овозможено е и капење“, раскажуваат македонските туристи што се на Халкидики.

Оние што допрва треба да заминат таму се интересираат како е таму, дали има вода и струја, како е по пат, какво е времето, во каква состојба е хотелот или апартманот каде што имале уплатено или планирале да заминат.

„Имаме голем број јавувања од нашите клиенти, ги интересира буквално сè, но засега немаме ниту едно откажување на аранжманите. Во моментов, според информациите, последиците од невремето се отстранети, постојат услови за летување, па немаме обврска да им ги враќаме парите на оние што евентуално би го откажале уплатениот аранжман. Но, уште еднаш да повториме, такви случаи и немаме“, велат во една скопска туристичка агенција.

Немањето струја и вода е причина што дел од туристите самоиницијативно почнаа да се враќаат дома. Интересно, претрпениот страв и неизвесноста од ново невреме се многу подолу на листата кај македонските туристи.

„Искрено, немавме претстава дека има толку загинати и повредени. Во Полихроно имаше невреме, но не во толкави размери како во другиот дел од Халкидики. Планиравме уште два дена да останеме, односно до недела, ама без струја и без вода, нема логика да го продолжиме престојот, па си доаѓаме дома“, велат туристи од земјава.

И обратно, дел од граѓаните што планираа викендов да заминат на првиот крак од Халкидики размислуваат да го одложат патувањето за неколку дена, додека целосно не се нормализираат условите по невремето.

Ветрот што во средата околу 22 часот дуваше со брзина од над 110 километри на час, дождот и молњите беа кобни за седум лица: шест странски туристи и еден повозрасен рибар од Грција. Двајца Чеси настрадаа откако камп-приколката во која биле сместени била однесена од ветрот во водата. Романска државјанка и нејзиниот седумгодишен син загинаа откако се урнал покривот на ресторанот каде што вечерале. Татко и двегодишниот син од Русија настрадале кога врз нив паднало дрво. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и претседателот Прокопис Павлопулос изразија жалење и сочувство до семејствата на починатите.

Горан Адамовски