Македонски триумф на Сараево филм фестивал


Филмот „17“ на Косара Митиќ освои три, а „Скејтбордингот не е за девојчиња“  на Дина Дума има една награда на 32. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа, објави „Умно“. Ова е голем успех за нашиот филм воопшто.
Митиќ ја доби Специјалната награда за промоција на родовата рамноправност. Наградата е основана во партнерство со Mastercard и се доделува на дебитант чија работа се одликува со силен авторски глас и придонес кон родовата рамноправност во кинематографијата.

Косара Митиќ

Од Сараевскиот филмски фестивал посочуваат дека наградата ја одразува заедничката визија за инклузивно раскажување приказни и важноста да им се даде простор на новите авторски гласови во светската кинематографија.
За „17“ пристигна признание и од Cineuropa, што се состои од 5000 евра.

Ева Костиќ и жирито предводено од Емили Вотсон

Третото признание за „17“ го доби Ева Костиќ, која беше наградена со „Срце на Сараево“ за најдобра актерка во главна улога, за одличната изведба на улогата на Сара – нејзина прва улога на филм.

– Бестрашното стапување на сцената на еден млад актерски талент. Сирова, висцерална и длабоко инстинктивна изведба. Улогата ја исполнува со исклучителна емоционална вистинитост, најавувајќи го доаѓањето на актерка со редок и моќен глас – стои во образложението на наградата, која изнесува 2.500 евра.

Костиќ ја игра 17-годишната Сара, тинејџерка која станува сведок на сексуално насилство врз своја соученичка. Филмот го истражува начинот на кој една млада девојка се справува со траумата, вината, молкот и последиците од насилството.

Дина Дума

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума доби Специјална награда на перспективите на младите.

„Специјалната награда „Перспектива на младите“ му припаѓа на филм со трогателна приказна за заедништвото, семејството и надежта што произлегува од чувството на припадност. Филмот нуди автентичен приказ на младоста и способноста на поединците во маргинализираните заедници да дејствуваат и да ги носат сопствените одлуки, соочени со традицијата и општествените очекувања. Пркосејќи им на стереотипите преку топла, меѓугенерациска приказна, ова е филм кој останува со вас долго по гледањето. Специјалната награда „Перспектива на младите“ му припаѓа на филмот „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈКИ“.

Филмот ја следи приказната за младите сестри Адела и Зара, нивниот свет на скејтбордингот и борбата за слобода во средина во која традиционалните општествени норми силно го определуваат животот на девојките.

Преку приказната на сестрите, Дума отвора теми за слободата, сиромаштијата, родовите улоги и притисокот што младите жени го чувствуваат во патријархалното општество.

Наградит ги додели жирито во состав: Емили Вотсон, претседателка (актерка, Обединетото Кралство), Игор Безиновиќ (режисер, Хрватска), Сара Климоска (актерка, Македонија) Матхејс Ваутер Кнол (директор на Европската филмска академија, Холандија) и Атина Рејчел Цангару (режисерка, сценаристка и продуцентка, Грција).

Наградата за најдобар игра филм ја доби австриско-германскиот „Секојпат“ на режисерката Сандра Волнер. Наградата изнесува 16.000 евра.