Македонски термини наместо англицизми: Речник со поими од медиумската писменост за наставниците


Добри Јовевски, Гордана Атанасовска, м-р Елена Апостолова и проф. д-р Владимир Трајковиќ

Во ООУ „Мирче Ацев“ – Ѓорче Петров, Скопје беше промовиран Речникот на поими од медиумска писменост со игровни активности за усвојување, утврдување и примена на поимите од речникот.

Во овој речник има соодветен превод на дел од поимите од медиумска писменост што досега се користеа како англицизми. Со преводите и толкувањето на поимите, наставниците добиваат значајна помош во реализацијата на содржини од медиумска писменост за полесно да им објаснат на учениците што е тоа интернет, дигитален простор, апликација, икона, емотикони, гиф…

Уште поголема поддршка за наставниците претставуваат игровните активности со помош на кои учениците ќе ги усвојуваат и применуваат новонаучените поими како на пример кликбејт – обично е потресен или сензационалистички наслов каде насловот и содржината на текстот не се совпаѓаат односно лажна информација за да измами или лажно да наведува.

Речникот и игровните активности се финален продукт што произлезе од активностите во проектот „Намали ризик- медиумска писменост на македонски јазик“, како субгрантиран проект на Do not MIS/DIS TechCamp Ohrid во организација на Стејт Департментот преку Амбасадата на САД и партнерската организација Центар за иновации и дигитална едукација ДИГ-ЕД.

Автори на овој речник и игровни активности се: Елена Апостолова, Гордана Анастасова и Добри Јовевски кои апелираат до медиумите и вработените во медиумите да ги користат македонските термини, наместо да користат англицизми.