Македонски телеком: Зголемени приходите од продажба, намалена добивката во првиот квартал годинава


 

Македонски телеком во првите три месеци на 2022 година оствари приходи од продажбата за 3,5 отсто повеќе во споредба со претходната година и изнесуваат 2,8 милиони денари, соопшти компанијата.

Како што покажуваат резултатите од работењето во приот квартал годинава, оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е намалена за 3,4 отсто во споредба со истиот период од претходната година, главно како резултат на глобалните економски трендови и значајното зголемување на цената на електричната енергија.

Во првиот квартал, компанијата ја пушти во употреба првата 5G комерцијална мрежа и продолжува да ја шири оптичката мрежа на територијата на Македонија.

Во ТВ пазарот Македонски телеком го задржува водството на пазарот на ТВ услуги со удел од 34,3  отсто, при што бројот на корисници достигна 146 илјади, односно, за 1,8 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 2,7 проценти и изнесува 198,4 илјади, а за 2,4 отсто зголемени се и интернет пристапите. Оттука, уделот на Македонски телеком на пазарот на широкопојасен интернет на крајот од првите три месеци од 2022 година изнесува 49,3 отсто.

Во мобилните комуникации, на крајот од првото тримесечје годинава, компанијата има удел на пазарот од 48,5%, а базата на претплатници е зголемена за 11,4 отсто. Во фиксната телефонија има удел од 62,1 отсто, односно, 224 илјади корисници.

Во првите три месеци од 2022 година, расте користењето на ИКТ и Cloud решенија и услуги, што доведе до зголемување на приходите од системска интеграција и ИТ услуги за 12,8 отсто во споредба со истиот период од минатата година. 

Македонски телеком останува посветен на градењето на најдобрата мрежа и на понудата на најдобрите услуги базирани на напредните технологии на новото време, се вели во соопштението до медиумите.