„Македонски телеком“ со нето добивка од 11,2 милиони евра за шест месеци, за 21,3 отсто помалку од лани

Македонски телеком“ оствари со нето добивка од 692,8 милиони денари (11,2 милиони евра) во првите шест месеци годинава, за 21,3 отсто помалку во споредба со истиот период лани, покажуваат финансиските резултати на компанијата објавени на Македонската берза.

Во образложението на финансиските резултати во првото полугодие годинава се вели дека намалувањето на оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) во првите шест месеци од 2020 година е за 2,7 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

„Следствено, EBITDA маргината во првите шест месеци од 2020 година изнесува 42,2 отсто. Доколку се исклучи трошокот за опремнини за вработените во првите шест месеци од 2020 година EBITDA бележи благо намалување од 0,2 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Исто така, EBITDA маргината (без трошокот за отпремнини) во првите шест месеци од 2020 година изнесува 43,3 отсто“, се вели во образложението.

Оперативната добивка пред камати и оданочување (EBIT) за првите шест месеци од 2020 година е намалена за 19,0 отсто во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 823,8 милиони денари. Доколку се исклучи трошокот за опремнини за вработените во првите шест месеци од 2020 година EBIT е намалена за 13,5 отсто во споредба со истиот период од претходната година, се вели во образложението.

Нето добивката за првите шест месеци од 2020 година е намалена за 21,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 692.844.000 денари. Доколку се исклучи трошокот за опремнини за вработените во првите шест месеци од 2020 година нето добивката бележи намалување од 15 отсто во споредба со истиот период од претходната година, појаснуваат од „Македонски Телеком“.


Од компанијата велат дека како и другите компании во земјата и глобално во светот и тие се погодени од пандемијата на КОВИД– 19 која негативно влијаеше на финансиските перформанси на МКТ, особено во месеците кога се беше затворено.

„И покрај тоа што точното влијание на кризата од корона вирусот на финансиските перформанси на МКТ не може со сигурност да се одреди, очекуваме негативно влијание на продажбата, особено во при-пејд сегментот и роаминг услугите. Иако може да имаме краткорочно влијание во 2020 и 2021 година, во овој момент не очекуваме значајно влијание на нашите долгорочни планови“, се вели во образложението на финасиските резултати на „Македонски Телеком“.

Инаку, компанијата најави дека дивидендата за минатата година ќе биде исплатена до 30 септември годинава.

Собранието на акционери на МКТ на состанокот одржан на 30 јуни 2020 година ја усвои Одлуката за исплата на дивиденда за 2019 година и утврдување на дивиденден календар. Во согласност со оваа Одлука дивидендата за 2019 година е во вкупен бруто износ од 1.328.387 илјади денари. Бруто износ на дивиденда по акција за 2019 година е МКД 15,40“, се вели во Образложението за работењето на Македонски Телеком АД – Скопје за периодот од 01.01.2020 до 30.06.2020 година досставено до Македонската берза.