Македонски Телеком лани со профит од околу 24,5 милиони евра


Македонски Телеком минатата година ја заврши со нето добивка од 1,5 милијарди денари или околу 24,5 милиони евра, покажува извештајот за работењето на компанијата објавен на Македонската берза.

Како што соопшти компанијата, приходите од продажба во 2019 година, во споредба со претходната година, се зголемени за 3,6 отсто и изнесуваат 10,8 милијарди денари. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е зголемена за 4,7 отсто во споредба со претходната година, додека нето добивката бележи раст од 6,3 отсто.

„Компанијата ги надмина поставените цели и изминатата година ја заврши со зголемени приходи и раст на нето добивката, во споредба со претходната година. Во 2019 година продолжува трендот на раст на бројот на корисници во мобилната телефонија, интернетот и телевизија. Со постигнувањето позитивни резултати за изминатата година, Македонски Телеком поставува цврста основа за понатамошен развој, инвестиции, модернизација на инфраструктурата и воведување современи технолошки решенија и услуги на пазарот“, соопшти компанијата.

Од Македонски Телеком појаснуваат дека ефектите од работењето во минатата година, заради компаративна анализа со претходната година се дадени без влијанието на Меѓународниот стандард за финансиско известување 16 „Наеми“, што почна да се применува од 1 јануари 2019.

Минатата година Македонски Телеком ја заврши со раст од 1,2 отсто на корисничката база. Вкупниот број на корисници во мобилниот сегмент изнесува 1,2 милиони претплатници, а зголемен е и бројот на корисници со пристап до широкопојасен интернет за 4,1 отсто, при што вкупниот број изнесува 204 илјади. Од Македонски Телеком соопштија дека од крајот на вториот квартал во 2019 се позиционирале како лидер во ТВ сегментот на пазарот. Бројот на корисници бил поголем за 6,2 отсто и на крајот на 2019 година бројот на претплатници достигнал 136 илјади.

Бројот на домаќинства покриени со оптика е зголемен за 13,6 отсто споредено со претходната година. На крајот од 2019 година, една третина од домаќинствата во земјава имаат можност да се поврзат на оптичката мрежа од Телеком и да ги користат бенефитите од оваа технологија. Во 2019 година компанијата ја постави и првата тестна 5G мрежа во Скопје, при што продолжуваат тестирањата во реални услови и сите неопходни чекори за воведување на 5G технологијата, се вели во соопштението од Македонски Телеком.