Македонски производители претставени на економска конференција во Будва


Повеќе од дваесет македонски производители од прехранбената индустрија во изминатите два дена ги претставија своите производи на „Македонскиот корнер“ во рамки на економската конференција во Будва организирана од Стопанската комора на Црна Гора.

Македонските компании имаа можност да остварат средби со претставници на најголемите синџири на маркети во Црна Гора, како и дистрибутери и претставници на ХОРЕКА-секторот.

-Нашата цел е на практичен начин да ја поттикнеме регионалната трговија, посебно за микро, малите и средните компании, кои се соочуваат со бариери во извозот. Работиме со компаниите на нивна подготовка за пласман на црногорскиот пазар, го помагаме воспоставувањето директен контакт со ланците на супермаркети и им даваме експертска поддршка во процесот на преговори за влез на пазарот, изјави Зоран Мартиновски, претседател на консултантската компанија „PrimePoint Partners“.

 

Според Сашко Антовски, сопственик на компанијата „Extra Fungi“ од Кочани,  голем дел од македонските компании не се фокусирани на црногорскиот пазар, но имајќи го предвид бројот на туристи, смета дека овој пазар може да биде од огромна важност за македонските производители кои сакаат да ги тестираат своите извозни потенцијали.

-Нашата компанија е во финална подготовка за влез на црногорскиот пазар, а учеството на овој настан ни овозможи да ги прошириме контактите со нови соработници, истакна Антовски.

Маја Милошевска, управител на „Биомелан“ од Струга, изрази благодарност за поддршката која нивната компанија ја добива од Програмата за поддршка на извозот и од организацијата на настанот.

-Имавме одлична можност за вмрежување и претставување на нашите производи и се надеваме на позитивни резултати за пласман на квалитетни македонски производи на пазарот во Црна Гора, рече  Милошевска.

На економската конференција учествуваше и претставник од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, која го поддржува овој модел на национална презентација за влез на странски пазари.

„Македонски корнер“ се организира во рамки на програмата „Поддршка за извоз на македонски производи во Црна Гора“ имплементирана од „PrimePoint Partners“, во партнерство со Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.