„Македонски пошти“ издадоа поштенска марка со „голема Хрватска“


Поштенска марка со „Голема Хрватска“ пушти во оптек „Македонски пошти“ на денот на победата над фашизмот – 9ти мај.

Целта на марката е да се искаже благодарност на Хрватска за помошта во евроинтеграциите на Македонија, но направен е голем пропуст бидејќи отпечатена е картата на „Голема Хрватска“ на Анте Павелиќ, односно хрватскиот режим за време на Втората светска војна. Па така според нашата Пошта, значи дека земјата членка на ЕУ, Хрватска денеска ги опфаќа териториите на денешна Босна и Херцеговина и дел од Србија и Црна Гора.

По бурните реакции, марката експресно беше повлечена од сајтот на „Македонска пошта“, а итно заседаваше и Управниот одбор. Раководителот на Бирото за филателија, како и Советот за поштенски марки се разрешени, инфомираа од Пошта.

Воедно изразија жалење и се извинија за пропустот.
„На итно одржаната седница на ден 09 мај 2020 година, Управниот одбор на Друштвото донесе:
– Одлука за повлекување од употреба на поштенската марка со тираж од 6000 примероци и номинална вредност од 72,00 денари. Со предметната одлука се утврдува и поништување на целокупниот тираж.
– Одлука за разрешување на Раководителот на Бирото за филателија и
– Одлука за разрешување на Советот за поштенски марки.
АД „Пошта на Македонија”- Скопје во оваа прилика уште еднаш најискрено се извинува на сите засегнати страни за ненамерната техничка грешка“, стои во соопштението од Пошта.