Македонски концепт се залага за 6-часовен работен ден за работниците


Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески, заедно со носителката на изборна листа за ИЕ2, Снежана Костадиноска-Милошеска денеска ги посетија производствените погони на „Чик“ – Куманово со што официјално го завршија караванот на Македонски концепт низ републиката. Богојески од Куманово изјави дека е неопходна заштита на домашното производство, овозможување на еднакви пазарни услови, но и воведување на услови за работа според стандардите во ЕУ. Единствена мерка која може да помогне за зголемување на процентот на ефикасност и продуктивност во сите гранки во индустријата во Македонија е намалување на работното време скалесто, почнувајќи прво на 7, за подоцна да се сведе на 6 работни часови.

„Со оваа мерка од една страна ќе им овозможиме на работниците повеќе време да потрошат на семејството, а од друга страна, да бидат попродуктивни и да придонесат за поголем развој на компаниите во кои работат. Во исто време ќе бараме и драстично зголемување на квалитетот на условите за работа и почитување на работничките права како што налагаат ЕУ стандардите. Овие политики се дел од нашата стратегија за поддршка на домашното производство кое е сериозно занемарено од политиките во последните 30 години”, вели Богојески.

Денес Куманово го потврдува токму тоа, дека традиционалните индустрии како што се чевларската, кожарската и текстилната индустрија се на маргините на нашето општество. Погрешните економски политики не ја заштитуваат домашната индустрија и домашното производство, рече Богојески.