(Видео)Македонски концепт со 1,5 милијарди евра ќе ги обесштети граѓаните за транзицијата


Фото: Б. Грданоски

Македонски концепт на овие избори ќе настапи со изборниот слоган „Последна шанса“, што сугерира дека сега е последна шанса работите да се сменат на подобро.

„Ова е последна шанса! Последна шанса да ја спроведеме на дело идеологијата на здравиот разум! Последна шанса да живееме во слобода, спокој и солидарност! Последна шанса да изградиме нормална држава со богати граѓани“, изјави Петар Богојески на прес-конференцијата одржана пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје, како најава за почеток на предизборна кампања.

Македонски концепт има проект за обесштетување на граѓаните кои „буквално се ограбени последните 30 години“. Проектот е дел од „3С – програма 2020“, односно делот за солидарност и се однесува на директно обештетување на граѓаните.

„Наша крајна цел е создавање на нормална држава со богати граѓани. Имаме проект за парично обесштетување на секој граѓанин на државата, согласно мерливи критериуми за утврдување на степенот на веќе настанатата индивидуална штета. За таа цел превидуваме потребни средства од 1,5 милијарди евра во рок од пет години. Транзицијата уништи многу семејства и човечки судбини. Само преку правична распределба на богатството во земјава, ќе исчезне горчливото чувство на неправичност кај секој од нас и антагонизмот помеѓу богатите и сиромашните“, изјави Богојески.

Богојески смета дека е време за нови политички лица во државава.