Македонски концепт предлага Закон за пратеници – волонтери


Пратеници – волонтери – е предлог на Македонски концепт со кој пратениците ќе бидат волонтери во служба на граѓаните. Ова е закон со кој пратениците ќе работат на волонтерска основа и нема да бидат платени од Собрание, нема да патуваат и да користат патни трошоци, нема да користат трошоци за живеалиште.

„Години наназад слушаме за енормни суми за патни трошоци што ги побаруваат пратениците, слушаме за афери дека пратениците од другите градови имаат сопствени станови во Скопје, кои ги изнајмуваат, а државата на нив им плаќа за престој. Слушаме баснословни суми потрошени во собраниската кафетерија, за плати на пратениците а за возврат што добиваме“ , вели Жарко Бошкоски, носител на листата од Изборна единица 4. Време е за Закон за пратеници волонтери”, додава тој.

Според овој предлог, пратениците – волонтери ќе ја продолжат својата професионална кариера според нивната примарна вокација и ќе останат во своите живеалишта, а законите ќе се донесуваат само еден ден во неделата.

„Со Законот за пратеници волонтери, Парламентот ќе стане институција и вистински народен парламент. На Македонија и требаат вистински ‘народни’ пратеници, блиски до граѓаните. Пратеници на кои мандатот во Собрание нема да им биде бизнис и печалба, туку ќе им биде чест и можност да служат на народот“, нагласи Бошкоски.

Пратениците волонтери ќе бидат овозможени да користат слободни денови од работните места, кога заседава Собранието. За тие денови ќе им биде обезбеден и организиран превоз или автобуска карта, без никаков надоместок. Исто ќе биде обезбедена бесплатна храна во собранискиот ресторан. За пратениците кои работат во приватен сектор, државата ќе им надомести дневници на сопствениците на компаниите, кои имаат чест да вработуваат републички пратеник, само за оние денови кога истите се отсутни од работа, поради службени потреби. Оние кои работат во јавен сектор, ќе користат само слободни денови, за кои ќе примаат редовна плата.