Македонски концепт ќе бара да се одговара за лажни политички ветувања


– Граѓаните на Гевгелија ни поставија стотици прашања од кои две се истакнуваат, а тоа се дали сме сите исти и второто со кого ќе правиме коалиција по изборите доколку имаме пратеници. Јас, пак, им реков дека имам голема забелешка на изборната кампања од која срам ме фаќа од ветувањето на политичките партии, изјави денеска во Гевгелија, Петар Богојески, промотор на политичката платформа „Македонски концепт“.

–Немаат срам од она што го зборуваат и ветуваат и од таа гледна точка денеска сакам да пренесам само една порака и еден проект од нашата програма, а тоа е криминализација на лажни политички ветувања, а тоа значи дека секоја политичка партија која ќе настапи на изборите пред започнување на кампања во ДИК и во јавното обвинителство да депонира своја програма, а во случај на неисполнување на ветувањата, по покренување иницијатива од друга политичка партија, или обичен граѓанин, да биде кривично одговерен потписникот на листите, лидерот на партијата и самата партија како правно лице, рече Богојески.

Мислам, порача Богојески, дека е време да се стави крај на овие лажни ветувања од кои огромно е потценувањето на интелигенцијата на граѓаните кои мислам дека конечно ќе ја препознаат разликата помеѓу нас, граѓанските листи, и партиските лажни ветувања што ги слушаат повеќе од триесет години.