Македонски документарни и кратки филмови и „Кино Утро“ дел од јануарската програма на Кинотека


Кинотека соопшти дека ја почнува новата година со богата и разновидна програма за љубителите на филмската уметност. Во текот на јануари, за најмладите Кинотека организира утрински проекции во рамки на тематот „Кино Утро“, а исто така ќе се одржат и проекции на македонски документарни и кратки филмови, како и зимското издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

-Иницијативата „Кино Утро“ има за цел да го приближи светот на филмот до најмладите преку селекција на забавни, едукативни и инспиративни детски и младински филмови. Програмата е одлична можност за семејно дружење и за запознавање на младите со магијата на седмата уметност, се вели во соопштението на Кинотеката.

Исто така, како што посочуваат од установата, овој месец, љубителите на македонската кинематографија ќе имаат можност да уживаат во проекции на документарни и кратки македонски филмови. Програмата ги слави делата на домашните автори, истакнувајќи ја нивната креативност и ангажираност.

Кинотеката ќе биде домаќин на зимското издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Во рамките на ова издание ќе бидат прикажани пет наслови – копродукции меѓу земји од јадранскиот регион кои оставиле значителен печат во изминатите три години.

Првата проекција ќе се одржи во кино-салата на Кинотека, додека останатите четири филма ќе бидат достапни на дигитална платформа, овозможувајќи поширока достапност на овие значајни дела.

-За љубителите на современата авторска кинематографија, на програмата се два високо ценети арт-хаус филма: „Перфектни денови“ на Вим Вендерс, емотивно и визуелно фасцинантно дело кое ја слави едноставноста на животот. „Зона на интерес“ на Џонатан Глејзер, интензивен и провокативен филм кој ја истражува нормализацијата на злото. Јануарската програма на Кинотека на Македонија е совршена можност за љубителите на филмот да уживаат во богат спектар на содржини – од детски филмови, домашна продукција и регионални копродукции, до арт-хаус и класици. Овој месец, Кинотеката повторно ја потврдува својата улога како центар на филмската култура и уметност, соопштија од Кинотеката.

Во рамките на програмата на „Кино Утро“ ќе биде прикажан филмот „Јон против галаксијата“ (реж. Гоце Цветановски). Оваа македонска анимација ја носи приказната за храбриот Јон, кој мора да се соочи со вселенски предизвици за да ја спаси планетата Земја. Со многу фантазија и акција, филмот пренесува важни пораки за храброста и одговорноста.

Ќе се прикажуваат и филмовите „Мечето Падингтон“, „Божиќната магија на животните“, „Кариран нинџа 2“, „Дедо Мраз супер херој“ и  „Соништата на еден робот“.