Македонски бизнисмен ја презел фејсбук страната „Ветераните за Трамп“

Бизнисмен од Македонија ја киднапирал фејсбук страната „Ветераните за Трамп“ каде поранешните американски служби го советувале претседателот на САД, разговарале за прашања кои ги мачат ветераните и споделувале конзервативни ставови. Страната имала повеќе од 100.000 следбеници, пишува „Вашингтон пост“.

Преземањето на фејсбук страната на американските ветерани, според „Вашингтон пост“, почнува со навидум наивна понуда која пристига до администраторите и сопствениците на групата, а доаѓа од лице кое се претставува како Андреј Спасовски. Спасовски им нуди да им генерира профит преку нивната страница со тоа што ќе му дозволат да постира реклами, а при тоа ветува профит од десетици илјади долари годишно. Овие трансакции требало да се одвиваат преку компанијата „Ад Брејк“ за која подоцна дознаваат дека е регистрирана во Куманово.

Според написот откако страната била хакната продолжила да функционира под надворешна контрола што довело до недоразбирања и дезинформации.

Овој пример се посочува како студија на случај во анализа за тоа како парите, политиката и дезинформациите кои се шират преку интернет играат улога во пресрет на претседателските избори во САД.

Според сторијата, ветераните и активниот армиски персонал се особено вреден таргет за манипулација поради тоа што гласаат во висок процент и можат да влијаат врз другите кои се восхитуваат на лицата со стаж и служба во армијата.

„Сагата на „Ветераните за Трамп“ е студија на случај за тоа како дезинформациите и политичкиот активизам можат да се испреплетат и како линијата меѓу домашните и странските актери може да се замагли во светот на on line медиумите каде налозите на социјалните мрежи можат да бидат купени, продавани, па дури и киднапирани“, пишува „Вашингтон пост“.