Македонски автори може да престојуваат еден месец во некоја од земјите во регионот


Писатели, поети, стрип артисти, драматурзи, поети, илустратори и графички дизајнери од земјава имаат можност извесно време да престојуваат во некоја од земјите во регионот. Ова им е овозможено преку регионалниот проект „Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД)“, кој е финансиран од Европската Унија, а во рамки на кој е објавен повик за резиденцијален престој.

Земјите во кои ќе се престојува се Македонија, Турција, Србија, Косово или Албанија. Авторите би добиле можност да ја запознаат литературната, уметничката и културната сцена во регионот и со тоа да се поддржи регионалното распространување на литературни дела од наведените земји.

„Програмата за резиденти започнува со реализација во мај и трае до крајот на декември во зависно од избраната земја, а престојот на авторот е еден месец. Повикот е отворен од 1 март, а ќе трае до 30 март“, информираат одговорните на проектот.

Отворениот повик е објавен на англиски јазик, бидејќи тоа е официјалниот јазик на резиденцијалната програма. Повеќе информации во врска со отворениот повик за апликации, има на овој линк.