„Македонски анимиран филм 1971-1991“ – проект на ДФРМ


Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) соопшти за почеток на проектот  „Македонски анимиран филм 1971-1991“ во онлајн-форма преку лансирање на веб-страницата Macedonian-animation.com.  Проектот  е поврзан со јубилејот 50 години македонски анимиран филм и е прв што го разработува и документира овој сегмент од македонската култура.

Проектот ќе вклучува биографии, артефакти од анимирани филмови, рецензии, есеи, оригинални интервјуа и многу други содржини. Поради условите наложени од пандемијата избран е дигиталниот начин на претставување и промоција – покрај веб-страницата содржините ќе бидат промовирани и достапни на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм во текот на целата 2021 година. Кога условите ќе го дозволат тоа – планирана е изложба, публикација, како и ревија на анимираните филмови.

Како што соопшти ДФРМ, приказната на македонскиот анимиран филм почнува пред речиси 50 години, во 1971, со „Ембрио No. M“ на Петар Глигоровски кој, заедно со Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и Делчо Михајлов, се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите години – создавајќи извонредни филмови кои имаат учествувано и добиено значајни признанија на големи светски фестивали.
 
– Филмовите главно се продуцирани од „Вардар филм“, институција во која креативноста и ентузијазмот на авторите, нивниот уникатен израз и идеја за анимиран филм се спојуваат со филмското знаење и искуство. Во тоа време кон нив се приклучуваат и други автори: Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатович, Мирослав Грчев и други, кои заедно ја збогатуваат македонската кинематографија со повеќе од 30 анимирани филмови. Гледано од денешен аспект, по бројот и квалитетот на филмовите, ова може да се смета за златна доба на македонскиот анимиран филм, наведува ДФРМ.
 
Автори на проектот се македонскиот аниматор и ликовен уметник Иван Ивановски и филмскиот промотер Слободан Јаќоски во соработка со Друштвото на филмски работници на Македонија, Кинотеката на Северна Македонија и „Вардар филм“. Проектот е финансиски поддржан од Град Скопје.
 
– Овој проект е дел од програмската активност на Друштвото на филмски работници на Македонија и неговата цел е да ја запознае јавноста со творештвото на пионерските македонски аниматори од 70-тите и 80-тите години, кои и покрај мноштвото домашни и меѓународни награди се подзаборавени и не го заземаат вистинското место во македонското филмско и културно наследство, соопшти ДФРМ.