Македонската туристичка понуда на Саемот за туризам во Белград


Рекорден број изложувачи ги промовираат туристичките понуди на македонскиот штанд, на саемот за туризам во Белград. На 44. Меѓународен саем за туризам околу 350 изложувачи од 33 земји, вклучително и Северна Македонија, учествуваат под слоганот „Кога е одмор, не е тешко“. Директорот на АППТ, Љупчо Јаневски оствари состанок со министерот за туризам на Република Бугарија, Илин Димитров на која се истакна потребата од поголема промоција на двете дестинации и можноста за зголемување на соработката во туризмот и враќање на туристите помеѓу двете земји, пишува во соопштението на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Според Јаневски, туристичката дипломатија е потребно повторно да ги гради мостовите помеѓу двете соседни земји за туристите да се вратат во дестинациите, а тоа е возможно само со почит и разбирање.

– Веќе во текот на април, договорено е инфлуенсери, блогери и други медиуми да ги посетат двете дестинации, започнувајќи интензивно промовирање, додава тој во писмената изјава.

Како што се наведува во соопштението, македонскиот изложбен простор на саемот во Белград го посетија делегација од македонското МНР, амбасадорската во Србија, Михаела Веселинов, заменик министер на Република Српска, црногорска делегација од повеќе градови, Туристичката организација на Србија, градот Белград и голем број туроператори и медиуми.

– На меѓународниот саем за туризам во Белград,  Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ го поддржува развојот и промоцијата на активниот туризам со туристички видеа прилагодени за VR Box очилата за виртуелна реалност, како и претставувањето на малите семејни винарии од земјава и поврзување со тур оператори. 

Денешната презентација е одлична можност за презентирање на ено- гастро концептот како нова туристичка понуда и можност за неколку дневно незаборавно патување по македонските мали винарии. Во рамките на саемските денови од 23 до 26 февруари, општините Гевгелија, Дојран, Ресен, Крушево и Охрид ќе ја прикажат природната убавина, богато културно наследство и гурманско искуство, заедно со ХОТАМ, Глобус травел и хотел Мизо. Саемот за туризам во Белград преставува одличнна можност македонските туроператори да ја престават својата понуда за сезоната 2023 и остварат нови средби со туроператори од регионот.  Се очекува саемот да биде посетен од делегација на повеќе од 50 македонски туроператори и хотелиери, како и претставници од Универзитетот за туризам и менаџмент кои ќе земат учество во Б2Б состаноците промовирајќи нови пакети и атракции. Голем интерес од посетителите, медиумите и туроператорите на македонскиот изложбен простор е верскиот туризам, националните паркови и авантуристичките форми на туристичка понуда, се додава во соопштението.

Како што се истакнува, српскиот пазар е еден од најбрзо растечките пазари за македонскиот туризам споредбено 2019/ 2022 година.

– Во 2022 година 11% од странските туристи односно повеќе од 63.000 туристи и повеќе од 130.000 ноќевања оствариле српските туристи, наметнувајќи ја потребата од интегриран маркетинг и зајакнат промотивен пристап во 2023 година. Воведувањето на авионската линија Белград – Охрид четирипати неделно од јуни, преставува голем предизвик и можност што треба да овозможи продолжување на позитивниот раст и во 2023 година на српските туристи. Очекуваме оваа година да продолжи растот на српските туристи, а македонскиот туристички сектор да ја забележи најдобрата година со повеќе од 3,2 милиони ноќевања и блиску 600 милиони долари од туристичката индустрија во македонската економија, пишува во соопштението.