Македонската продукција има капацитет, државата да ги поддржи добрите проекти


„Преспав“, „Медена земја“, „Вера сонува за морето“, „Фамилијата Марковски“…ова се само дел од телевизиските проекти кои на нашите гледачи им понудија квалитетна програма и не потсетија на важноста да се негува уметноста и културата во едно општество. Но, дали и колку државата е подготвена да и даде шанса на македонската продукција и да ги поддржи добрите проекти?

Според извршниот директор на продукцијата „ОХО“, Пеце Талески, државата треба да разбере оти ваков тип на продукција мора да се поддржи. Тој во изјавата за МИА потенцира дека ние немаме обезбедено доволно буџет ниту за македонските ситкоми, ниту за какви било телевизиски серии.

Првиот македонски ситком „Преспав“ уште од самиот почеток на емитување се здоби со заслужена популарност, а официјално почна да се емитува и во Бугарија. Според Талески, токму „Преспав“ е доказ дека ние како држава имаме капацитет.

-Серијата „Преспав“ е добар проект сам по себе. Тоа значи дека приказната е интересна, кастингот е одличен, има хумор, и луѓето сакаат да гледаат локален концепт, односно содржини на јазик што го знаат и е нивен. Серијата е добра и затоа што зборува за проблемите на граѓаните, она што на нив им се случува, вели Талески за МИА, кој потсети и на другите проекти: „На терапија“, „Зоки поки“, и „Фамилија Марковски“..

Потребни повеќе финансии и општествена одговорност кај телевизиите

Доколку се направи споредба со државите во регионот, Србија инвестира доволно, Хрватска и Словенија инвестираат многу, а како што вели Талески, Босна и Херцеговина годишно издвојува дури 12 милиони евра за продукција на локални телевизиски серии.

Во меѓувреме, кај нас во Собранието во тек е расправата за новиот буџет за 2022 година, при што вкупниот буџет за културата е 201.247 денари. Ова претставува намалување, споредувајќи со 2021 година, кога буџетот беше 246.362 денари.

Талески вели дека ниту тој, ниту кој било друг од фелата не бил консултиран во однос на финансирање за дејности од областа на културата.

-Нас никој не не консултирал. Министерството за култура и Собранието живеат во некој нивен свет, кој што е далеку од реалноста. Нашето сфаќање за култура е далеку од она според кое во пост дигитално време треба да се третира културата, укажува Талески.

Од Агенцијата за филм за МИА изјавија дека генерално Агенцијата е задоволна од средствата кои се издвојуваат за филмски и ТВ проекти, и истите, како што посочија, се на едно повисоко ниво споредбено со нашиот регион и земјите од западен Балкан.

Предлог буџетот за следната година, како што информираа од Агенцијата, изнесува 170 милиони денари.

-Предлог буџетот за следната година е зголемен во однос на тековната, и изнесува 170 милиони денари, што претставува еден успех на Агенцијата за филм во понатамошното континуирано поддржување на производството во филмската дејност, изјавија од Агенција за филм.

Продуцентот Огнен Антов од „Дрим фектори“ во изјава за МИА објаснува дека всушност не е проблем толку во финансиите, колку во структурата. Поточно, станува збор за општествена одговорност кај телевизиите.

-Има структура на проблем во старт, а тој структурален проблем е до нешто што се вика општествена одговорност кај телевизиите. Не зборуваме за тоа колку чини, бидејќи постојат и некои работи кои не чинат многу пари за да се направат, но едноставно, најголем дел од телевизиите заради одредени бизнис интереси се одлучуваат да откупат некаква програма, која после тоа ќе ја синхронизираат, отколку да произведат сопствена програма, односно како што е секаде во светот, да ангажираат продукциска куќа која тоа ќе им го релизира, вели Антов.

Скратен буџет и за време на пандемијата, продуцентите оставени сами на себе

Освен недостатокот на финансиите, културата остана да стои на „стаклени нозе“ и за време на пандемијата, која минатата година ги затвори кино салите, театрите, и ја отежна филмската продукција. Сепак, продуцентите продолжија со снимање.

-Ние снимавме и за време на пандемија минатата година. За „Петко“ снимавме 40 епизоди, 20 македонски, 20 албански, и 20 епизоди снимавме за серијата „Преспав“. Не беше лесно, беше многу потешко за работа, но мора да работиш. Едноставно, публиката го очекува тоа и мислевме дека особено во време на пандемија треба како шоу бизнис да понудиме програми кои едноставно ќе бидат доволни за продуктивноста, рече Талески.

                                                                слики од сет: Mаја Аргакијева

Огнен Антов посочи дека се соочиле со одредени предизвици и за време на пандемијата, но додека секаде во светот државите одвоиле енормни средства за помагање на културните и филмските создаватели на содржини, кај нас се скратија буџетите.

-Работевме со скратен буџет и некако бевме оставени сами на себе да се снаоѓаме на некаков си пуст остров. Да реално дојдеме во ситуација на пустиот остров да мораме да наоѓаме начини за преживување, а никој никогаш да не размисли дека еден момент, пандемијата ќе заврши. А за време на пандемијата луѓето седеа дома и гледаа филмови или телевизиски серии, и на никого никогаш не му текна дека тие луѓе кои се оставени сами на цедило се тие луѓе заради кои што за време на „лок даун“ ние гледаме содржина кои они ја произведуваат, рече Антов.

филм

Едноставно, појаснува тој, продуцентите беа заборавени и оставени сами на себе.

-Господ само знае како успеавме да преживееме, заради тоа што сите ние што се занимаваме со ова сме како некакви диносауруси и само паѓаме и се исправаме и продолжуваме понатаму, додава Антов.

Најмногу недостасуваат содржини за деца на македонски јазик

Слабиот интерес за инвестирање во културата, но и во добри телевизиски проекти, доведува до недостиг на содржини емитувани на македонски јазик.

Антов потсети на „Танцот со ѕвездите“ – проект што се емитуваше во 2013 и 2014 година на Националниот сервис. Станува збор за  доволно интересен телевизиски контент што е на македонски јазик, со македонски учесници, и е „ентертејмент“. Тој додава дека такво нешто сега нема на нашите телевизии.

-Јас неколку пати изјавив „Културата е мртва, да живее културата“. Заради тоа што најголемиот промотор на една држава е културата и уметноста како една гранка, и спортот. Не постои подобар промотор на една држава отколку култура, уметност и спорт. Да, филмот и телевизијата се под некаков тип на култура, ние не успеевме во овие години наназад да научиме една лекција од големите европски земји, како на пример Франција, која инвестира огромни средства од своите буџети за да ја промовира францускиот јазик и гранцуска култура. Тоа го прави Франција, Италија, Германија, и со тоа си прави не само „билдање“ на сопствениот идентитет на нацијата, туку и промоција на културата, на уметноста, на туризмот, додава Антов.

Според Пеце Талески, затоа се случува младите генерации да зборуваат на сите други јазици, освен на мајчиниот јазик. Ова, како што укажува, доведува до загрозување на македонскиот јазик, оти едноставно децата нема каде да го надоградуваат јазикот.

-Земете ја на пример детската продуција. До пред некои време таа беше многу едноставна. Имаше ДВД, имаше касети, и децата гледаа телевизија. Сега децата не гледаат телевизија, живеат во дигитално време, при што најголем дел од нив гледаат содржини на „Ју-тјуб“. Според мене, „Ју-тјуб“ не е место за деца, од проста причина што е прилично опасен дигитален простор, посочува Талески. Исто така, потенцира тој, во најголем дел од сцените што се прикажуваат на „Јутјуб“ не постојат содржини емитувани на македонски јазик, ниту пак содржани синхронизирани на македонски јазик.

Огнен Антов го спомена и првиот македонски игран филм за деца „Стела“. Но, како што рече, никој никогаш не сфати дека ние имаме нешто што треба да го негуваме, бидејќи е направено за деца.

-Името Стела е ѕвезда. Сакавме да создадеме ѕвезда, која ќе остане да свети над ова македонско небо. Никој никогаш не помогна освен неколку приватни фирми, и она што државата застана преку Агенцијата за филм за да се произведе. И застанавме на тој момент. Истото тоа било каде во Европа да отидеме, а сакаме да бидеме во таа Европа, се негува дури и повеќе отколку содржина или филм за возрасни, бидејќи тие деца се иднина која ние треба да ја имаме, а ние како тоа воопшто да не го цениме, вели Антов.

Тој напомена дека и вратите на Министерството за образование беа затворени за каква било соработка, за да можат сите деца од државата да го гледаат филмот.

Според Антов, нашата држава е единствената земја од регионот која во изминативе 30 години има два пати кандидат за Оскар, но, како што вели, ние не научивме колку можеме од тоа да си ја промовираме државата.

-Имавме шанса два пати да бидеме во „лига на шампиони“, како што викаат во спортот, и да не успееме од „лигата на шампиони“ после тоа да направиме нешто. Имавме шанска да бидеме „Медена земја“, и не станавме „Медена земја“, вели Антов.

Платформата „Глеј“ – надеж за зголемување на македонската продукција

На македонскиот пазар неодамна се појави првата македонска национална стриминг платформа „Глеј“.

Талески појаснува дека оваа платформа има квалитетни содржини, но и детски содржини кои се продуцирани на македонски, а се што ќе има светска продукција ке биде синхронизирано на македонски јазик. Поточно, посочува тој, целта на „Глеј“ е да се иницира зголемена македонска продукција.

-Намерата на „Глеј“ не е да ги замениме „Нефликс“ и „HBO“, туку едноставно да биде платформа на која ќе можат гледачите генерално да имаат избор да ги гледаат нашите најдобри македонски играни содржини, како и избор на светски и регионални содржини. Генерално, луѓето сакаат да гледаат приказна. Тоа е светски тренд. Платформите „Нетфликс“ и „HBO“ доминираат на глобално ниво, меѓутоа на сите пазари постојат сериозни провајдери, платформи или продукции кои даваат содржини на кои што се локализирани. Мислам дека „Глеј“ во овој момент и е потребен на државата, смета директорот на „ОХО“.

Тој порачува дека токму културата и образованието се основните начини за потврдување на идентитетот.

Доколку не ги развиваме и не ги разбираме, тогаш, додава тој, ќе бидеме „покриени“ како што бевме „покриени“ со турски серии, а истото ќе ни случи и со светските серии и сериите од регионот. Тоа значи дека нашите деца ќе зборуваат се, само нема да зборуваат на мајчин јазик.

Според Огнен Антов, „Глеј“ е шанса за нас, бидејќи не е конципирана само како стриминг платформа, туку идејата е оваа да прерасне во еден вид партнер за содржините кои ги произведуваат.

-На „Глеј“ им дадов содржини на кои сум јас продуцент, баш заради тоа што во моментов ресурсите во државата преку кои што публиката може да ги гледа македонските филмови, се ограничени. „Глеј“ е конкретно шанса за нас, заради тоа што не е конципирана само како стриминг платформа, туку идејата е да прерасне во наш партнер. Не значи тоа дека ќе биде финансиски партнер, но може да биде како некаква поддршка, каде може масовно да се гледаат филмовите, бидејќи освен Телма и МРТ, ниедна друга телевизија кај нас не покажува интерес за прикажување на македонски филмови, вели Антов за МИА.